„НАТО помогна да се зачува мирот на Западниот Балкан повеќе од 20 години и тоа ќе продолжи да го прави. НАТО е гарант на мирот и на стабилноста во регионот, бидејќи тоа е важно за нашата безбедност. Ние продолжуваме со поддршката на евроатлантската интеграција на Западниот Балкан, бидејќи тоа е клуч за стабилноста и просперитетот во регионот и пошироко“, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на денешната прес-конференција во Брисел.
Столтенберг денес го претстави годишниот извештај на Северноатлантската алијанса за 2016 година и потенцираше дека доказ оти НАТО е посветен на земјите во овој регион е и поддршката на нивната евроатланска интеграција, што го покажува случајот со Црна Гора, која наскоро ќе стане 29-та членка на Алијансата,
„НАТО проектира стабилност на различни начини и придонесува во борбата против тероризмот, во која сме повеќе од 15 години. Ние имаме 30 илјади војници во Авганистан, како дел од мисијата за обука на авганистанските сили, во која сме застапени вкупно – 39 земји, дел членки на НАТО, а другите партнери на Алијансата. Ние сакаме соседството да ни биде постабилно и очекуваме тоа да биде важен фокус кога лидерите на НАТО ќе се сретнат во Брисел во мај“, истакнал Столтенберг, според дописникот на МИА во Брисел.
Генералниот секретар на НАТО ја коментираше и ситуација меѓу Турција и Холандија како членки на НАТО.
„Ги охрабрувам сите членки да покажат заедничка почит, да бидат мирни и да имаат мирен пристап за деескалација на тензиите и ситуацијата. Мислам дека е важно сега да се фокусираме на сè што нè обединува, на заедничките предизвици и закани, и да не се фокусираме на прашања што нè делат. Важно е што имаме дијалог и треба да се поддржуваме едни со други. Присуството на НАТО во Турција е добро за Турција, но и за Европа и за другите од Алијансата, поради насилството во Сирија и Ирак“, беше дециден Столтенберг.
Во неговата оценка на состојбата во светот, Столтенберг посочи дека последните години има зголемени тензии и нова безбедносна околина околу НАТО.
Во однос на иницијативите за поголема соработка на земјите на ЕУ во областа на безбедноста, Столтенберг истакна дека за Алијансата е важно да се знае дека нема контрадикторност меѓу силен НАТО и силна европска одбрана: „Тоа, оди заедно, бидејќи 22 од членките на ЕУ, во исто време, се и членки на НАТО и дека повеќе од 90 проценти од луѓето што живеат во Унијата, живеат и во држави, членки на НАТО“.