Министерството за култура на Република Македонија денеска организираше Форум за политики, како место за дискусија за стратегијата за културен развој (2018-2022). Во воедното обраќање министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, истакна дека овој Форум ја претставува заложбата на Министерството за вклучување на граѓаните во градењето и формирањето на културните политики.
„Министерството за култура влегува не само формално, туку со сите свои капацитети и суштински, во сите стратешки процеси, кои ќе треба да го дефинираат понатамошниот развој на културата и уметноста кај нас, на среден и подолг рок. Таа визија не смее да биде наметната и да доаѓа озгора, туку да ги вклучува сите во нејзиното обликување“, истакна министерот Алаѓозовски.
По говорот за партиципативните процеси во развојот на културните политики, преку примерот со Хрватска, на хрватскиот културен работник и активист Теодор Целаковски, присутните претставници на граѓанското општество, културни работници, уметници и активисти, како и претставници на релевантни институции, министерства, општини и меѓународни организации дискутираа за можностите да придонесат во креирањето на стратегијата за културна политика.
„Место културата да се децентрализира, ние дојдовме до пренатрупување од партиски вработувања и ‘дебело’ навлегување на политиката во културата… Потребна е стратегија со која уметниците ќе можат да се занимаваат со култура, а не да бидат дел од институции што се партизирани, за да не бидат искорумпирани… Најважно е работите да произлегуваат од базата, значи, ако јас сакам да пробијам некоја идеја што е значајна за драмските писатели во Македонија, најдобро е да формирам здружение на драмски писатели, да се собереме, да ги кажеме своите идеи и да ви ги пренесеме на вас. Тоа важи за сите кутурни работници. На тој начин, ќе можете да добиете вистинска слика за нашите потреби“, изјави Југослав Петровски, драмски писател и режисер, кој на почетокот ја истакна својата интезивна соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода и ги поздрави присутните во име на организацијата.
Збор во дискусијата зеде и режисерот Нелко Нелковски кој истакна дека лесно се пишуваат теоретски документи, но на кој начин ќе се имплементира и како ќе се менаџира тој процес е од клучно значење за ефективност на стратегијата.
Форумот за политики беше поддржан од УСАИД, преку Проектот за граѓанско учество (CEP).
Текст и фото: Биљана Јордановска