Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 12-та седница на која треба да расправа за Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како „Закон за стечајците“.
Законот е поднесен од пратеници од парламентарното мнозинство, а со него се очекува да се реши статусот на стечајците кои не беа опфатени со претходниот закон.
Законот ги опфаќа невработените лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, по 1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година. Лица опфатени со законот, исто така, треба да имаат 15 години стаж и 52 години (жени), односно 55 години (мажи) до стапувањето во сила на овој закон.
Лилјана Георгиевска од здружението „Унит“ од Куманово, неформална лидерка на стечајните работници, за ЦИВИЛ Медиа неодамна изјави дека ветените од Владата – 7.596 денари, не се за потценување: „Тие се спас за стечајните работници, да можат да имаат за леб и за лекови. Не посакувам никој да се најде во ситуација на стечаец. Ова е геноцид на модерното време!“, истакна Георгиевска.
ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Али Османи, стечаец, координатор на здружението „Унит“, кој уште во 2004 година останал без работа. Отогаш, не успеал да се вработи. „Не сум работел никаде откако ме отпуштија. Никој не сакаше да ме прими, поради возраста“, изјави Османи, изразувајќи надеж, дека со чекорите на новата Влада, ќе има леб за сите.
Д. Муратов