Денеска во Истанбул започна судењето на седумнаесетте уредници и новинари на опозицискиот весник „Џумхуријет“ кои беа уапсени во октомври минатата година, кога беше воведена вонредна состојба во Турција, по обидот за државен удар на 15 јули 2016 година.
Обвинетите новинари и уредници на турскиот опозициски весник „Џумхуриет“, еден од најстарите, основан во 1924, се обвинети за наводно помагање на терористичка организација. Доколку бидат прогласат виновни за ова дело, може да им бидат изречени казни од 43 години затвор. Десетмина од нив се во притвор веќе девет месеци.
Во обвинението претставено во април, новинарите се товарат за поддршка на терористички организации, односно, на движењето на Фетулах Ѓулен и на забранетата Работничка партија, но нема конкретни детали за обвиненијата, пренесува „Дојче веле“.
Според податоците на Групата за слобода на медиумите П24, во Турција зад решетки се наоѓаат 166 новинари, а повеќето се уапсени за време на вонредната состојба.
Пред судницата во Истанбул, денеска голема топла поддржувачи на обвинетите новинари пушташе балони и повикуваше на нивно ослободување. Ситуацијата беше хаотична и дел поддржувачите се обидоа да влезат во судницата на почетокот на судењето.