Конференција за безбедност од денеска до недела ќе се одржи во Минхен, Германија. Доналд Трамп, Брегзит, НАТО и Европската унија, се очекува да бидат најважните теми околу кои ќе се разговара викендов.
Изјавата на новиот американскиот претседател Доналд Трамп дека концептот на НАТО е „застарен“, како и нејасниот курс на новата американска администрација кон Русија, се причина за големиот број на заинтересирани за учество на 53-тата конференција.
„Никогаш немало толку многу надворешнополитички прашалници како денес“, изјави Волфганг Ишингер, долгогодишниот германски дипломат, главен организатор на Конференцијата. Како што истакна тој, не се памети толку голем интерес да се биде дел од овој настан.
„Ќе присуствуваат 47 министри за надворешни работи, 30 министри за одбрана и 90 пратеници на парламенти. Меѓу учесниците се претседателите на Украина и на Полска, новиот генерален секретар на ОН, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и генералниот секретар на НАТО. Единствени кои не ги поканивме се Севернокорејците. Немавме доволно храброст за тоа“, истакна Ишингер.
Германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот потпретседател Мајк Пенс, министерот за одбрана Џејмс Метис, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја предводат листата на повеќе од 30 официјални претставници, осумдесетина министри на надворешни работи и одбрана, кои за време на викендот ќе бидат во Минхен.
На конференцијата од Македонија ќе учествува министерот за надворешни работи Никола Попоски.