Во знак на сеќавање на 5 октомври 1966 година, кога е усвоена Препораката на Меѓународната организација на трудот – МОТ и на УНЕСКО, во врска со статусот на учителите/наставниците, во 1994 година овој ден е прогласен за Светски ден на учителите.
Education International – EI, Меѓународен сојуз на синдикатите во областа на образованието со седиште во Брисел, придонееува за признавањето и одбележувањето на овој ден низ целиот свет.
Светскиот ден на учителите oваа година се одбележува под мотото „Учење во слобода, зајакнување на наставниците” (Teaching in Freedom, Empowering Teachers).
Учителите имаат значајна улога во детскиот развој преку нивниот придонес во образувањето и воспитувањето, преку менторирање. мотивирање и афирмација на знаењето што им го пренесуваат на децата. Но, нивната улога на педагози и воспитувачи е подеднакво важна и во улогата на пријатели на учениците и заштитници на креативниот и интелектуален развој на младите генерации.
Но, кога училиштата ќе се претворат во терен за градење политичко-партиски сојузи, каде наместо интерактивно образование се учи пропаганда и се тренираат генерации на послушници, Светскиот ден на наставниците треба да послужи и како опомена за значајната улогата на учителите за оформување на идните носители на општествените промени. И колку тој нивни труд подразбира пожртвуваност, посветеност и верност кон професијата и кон едукацијата на младите генерации.
За жал, во Македонија сѐ почесто наставниците ја злоупотребуваат својата положба. Наместо посветеност кон учениците, посветеност кон Партијата. Наместо „бегање“ на учениците од часови, наставниците отсуствуваат и ги оставаат самите да се школуваат и воспитуваат.
И додека во светот, наставниците секојдневно се соочуваат со технолошкиот напредок и лесниот пристап до информации и се во континуирана борба за зачувување на својот интегритет и на важноста на нивната работа, преку зголемена интеракција во процесот на учење, македонските наставници во голем дел се борат со политичката агитација во школските клупи, од една страна, и со секојдневна борба за системот во искоренување на партизираноста и нејзиното штетно влијание во училиштата.
И додека дел до наставниците водат и партиска кампања „од врата на врата“, и имаат партиски состаноци и други активности во работното време, учениците, по истиот принцип и „школа“ водат инфо-штандови и делат пропаганден материјал…
ЦИВИЛ им го честита Светскиот ден на учителите на сите просветни работници, и ги поддржува учителите/наставниците во нивните заложби за подобро, покреативно, поиновативно и политички некорумпирано образование.