Categories

КОЛУМНА Тапани по свадба?

пишува: Сашо Орданоски

Еден пријател, Албанец, гласач на ДУИ, ми вели дека, по парламентарните избори минатиот декември, ДУИ „е партија која е тргната на долг пат со автомобил што има поминато 300 илјади километри без ремонт на моторот, а возачот Ахмети, свесен за тоа, по пат сака да го сервисира автомобилот, ама тој да остане да го вози! При тоа, на сите во партијата им е јасно дека ваквото ДУИ ќе се распадне за 24 часа без ‘возачот’ Ахмети.“

Еден друг пријател Албанец, пак, поддржувач на БЕСА, ми вели дека „БЕСА не сакаше да влезе во ‘базенот’ на Заев жалејќи се дека некој моча во него, но сега се испоставува дека вистинската причина за тоа што не влегоа да се ‘бањаат’ во новата влада не е од хигиенска природа, туку што тие, всушност, не знаат да пливаат!“

Во предвечерјево на локалните избори, ова се дијагнозите за состојбите во двете главни партии кои рефлектираат главно на албанските гласови низ општините. Обете се растргнати од внатрепартиските поделби по најразлични основи. Во ДУИ е традиционално нетрпението помеѓу тетовчаните и чаирчаните, помеѓу помалку и повеќе криминализираните, помеѓу „реформаторите“ и оние кои мислат дека се подолговечни од секаква реформа… Во БЕСА станува експлозивна поделбата на оние кои сметаат дека нивното движење треба сè повеќе да почне да наликува на теократска партија слична на онаа на Ердоган, наспроти „брадосаните“ кои се поблиски до „саудиско-катарскиот“ модел на народна организација од типот на „муслиманско братство“. И во ДУИ и во БЕСА кандидатските советнички листи и оние за градоначалниците ќе ги одразат овие судири и локалните превласти на оваа или на онаа фракција. Потоа напнато ќе се чекаат резултатите, не за добро на партијата, туку за да се види која внатрепартиска струја победува. Е, дури тогаш ќе „заиграат“ интерните партиски јатагани и свилени гајтани.

Над нив виси „мечот“ на СДСМ, кого и во ДУИ и во БЕСА искрено го мразат, затоа што им се меша во „штипките“ со „нивните“ албански гласачи. ВМРО за нив отсекогаш бил посакуваниот противник (и партнер!) за изборна конфронтација.

Главно заради разни лидерски суети, помалите албански партии меѓусебните коалиции ќе ги одложат за вториот круг на гласање, што не е голем комплимент за нивната политичка зрелост. А од најверојатната парцијална, локализирана предизборна коалиција на – што вели еден од Мала Речица – „алапачата“ Заев со „ќутологот“ Ахмети, ДУИ може да извади „жива глава“ во неколку општински трки (Чаир, Кичево, Струга, па и Тетово и Гостивар), додека градоначалничките калкулации во Куманово и, пред сѐ, во Скопје, за СДСМ можеби ќе бидат скапо платена цена што ќе му однесе гласови од албанските гласачи – кои може да се преточат и кај БЕСА и кај другите помали албански партии – кои на парламентарните избори, разочарани, се определија за социјалдемократите токму за да му „очитаат“ непријатна лекција на ДУИ. Ако на тоа се додаде македонската параноја од Законот за јазиците и лагите за бегалците, во комбинација со разни други незадоволства во блокот на про-демократската граѓанска поддршка што ја има СДСМ во борбата против остатоците од режимот на Фамилијата, сметките и во СДСМ изгледаат релативно проблематични.

Народната мудрост вели дека „на свадба може и 500 луѓе да играат на орото, но само еден ќе спие вечерта со невестата!“… Такви се и кандидатските амбиции и предизборните математики низ нашиве партии. А, за некоја недела ќе видиме чии тапани ќе чукаат после свадба, особено кај ДУИ и БЕСА.

Print Friendly, PDF & Email