Според новинската агенција МЕТА, опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштила дека до Собранието поднела барање за интерпелација и на министерот за здравство, Арбен Таравари, бидејќи според партијата тој е „најлошиот министер за здравство кого македонските граѓани го виделе“.
„Министерот Таравари е платен од граѓаните за да ги решава нивните проблеми и да придонесе за подобро здравство. Добро е Таравари да е повеќе на работа отколку на одмор за парите што ги зема. Добро е повеќе да сработи, отколку да сурфа по Интернет, но очајно е тоа што и по два ипол месеци нема никаков резултат од неговата работа. Случајот кој граѓани го обелоденија, а според кој, девојче било испратено дома без да ѝ биде дијагностицирано слепо црево, Таравари се расправа на ‘Фејсбук’, покажувајќи дека демонстрацијата на ароганција и суетата му се поважни од здравјето на граѓаните. Во Македонија веќе не смее да умираат луѓе поради хаосот што го создава неспособниот Таравари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека за интерпелацијата треба да гласа секој пратеник, без оглед на партиската определба, бидејќи здравјето на граѓаните е поважно од сè.
Таравари е седмиот министер од Владата на Зоран Заев, за кого опозициската коалиција во изминатите десетина дена поднесе интерпелација. Претходно, гласање на недоверба ВМРО-ДПМНЕ побара за министрите за труд и социјална политика и за земјоделство, Мила Царовска и Љупчо Николовски, за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за министерите за финансии и за култура, Драган Тевдовски и Роберт Алаѓозовски, за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа.
Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.