Categories

ИЗБОРИ Тарчуловски денеска на суд за надомест на штета од милион евра

Кандидатот за градоначалник на Општина Кисела Вода, актуелниот пратеник Јохан Тарчуловски, денеска, ден пред изборниот молк треба да се појави во Основен суд Скопје 2, на расправа за предизвикана штета од 61.020.000 денари или еден милион евра, соопшти sudstvo.mk

На закажаното рочиште треба да се расправа за надомест на материјална и нематеријална штета од милион евра, колку што побаруваат семејствата на загинатите во скопското село Љуботен, во 2001. година. Предметот кој се однесува на Јохан Тарчуловски сега е заведен под број 32 П 4- 449/ 17.

Тужителите со посебен поднесок бараат тужбата веќе адресирана до МВР да се прошири и за Тарчуловски, зашто со пресуда на Судот во Хаг, тој беше осуден за воени злосторства врз цивилно население.

Судската постапка која што се води против Тарчуловски, според Државната изборна комисија (ДИК), не претставува пречка, тој да добие сертификат за неосудуваност и можност да се кандидира на престојните локални избори.

Според познавачите на приликите, барањето за надомест на материјална и нематеријална штета од милион евра, за што се води постапка во граѓанскиот суд, подразбира и неминовно впишување на пресудата, донесена во Хаг, во скопскиот Кривичен суд, кој, пак, издава потврда за неосудуваност.

Тарчуловски во затворот во Шевенинген беше спроведен на 16 март 2005 година, по барање на Хашкиот трибунал. Судскиот совет на 12. јули 2008 го ослободи екс-министерот Љубе Бошкоски од обвиненијата за извршени злосторства во скопското село Љуботен, но затоа, пак, Јохан Тарчуловски беше осуден на казна затвор во траење од 12 години.

Последниот инцидент кој што се поврзува со Тарчуловски се однесува на настаните од 27. април годинава, кога тој и уште неколкумина други пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ги отворија вратите на Собранието и со тоа овозможија толпата  да се пресметува со пратениците на владеачкото мнозинство. Досега, ниту еден од пратениците, кои се гледаат на снимките како отвараат врати, не е повикан на распит.

Print Friendly, PDF & Email