Дванаесеттото издание на „Филмскиот фестивал за човекови права“ во Тирана, Република Албанија во организација на Академијата за филм и човекови права „Маруби“, го збогатија со присуството членовите на „Таус Мелек квартет“ (Tawusê Melek Quartet) со поддршка на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
ЦИВИЛ како организација ги споделува вредностите со Академијата, во промоцијата на човековите права и слободи и псудата на прекршувањата на истите, преку уметнички форми, како што се филмот, фотографијата и музиката.
Заедно со соработниците, ЦИВИЛ предложи листа на повеќе млади музички групи од Република Македонија, а изборот на „Таус Мелек Квартетот“ беше на Академијата.
Квартетот имаше два настапа, на 19 и 20 септември, во музичкиот дел на Фестивалот и наиде на одличен прием кај задоволната публика, со тоа што музичарите го надминаа времето за настап за повеќе од час и половина од предвиденото.
Вториот ден, поради поројниот дожд, квартетот настапи во кино-сала и музичарите ја шармираа публиката во романтична и интимна атмосфера. Според изјавите на публиката и организаторите, очекувањата се квартетот почесто да настапува на музички настани во Тирана, со што ќе ја претстават квалитетната музика од ова поднебје во регионот.
Покрај ЦИВИЛ, како партнерска организација од Македонија, учество зема и невладината организација „Легис“, со изложба на фотографии на афирмираните македонски фоторепортери: Роберт Атанасовски, Наке Батев, Лазар Симеонов и Борче Поповски, како и на повеќемина млади членови на Младинскиот образовен форум.
На филмската програма на фестивалот беа застапени остварувања со современи и болни општествени теми кои укажуваат на слични општествени феномени што доминираат во современите политички системи низ Европа, независно од економскиот развој на државите.
Омразата, криминалот од омраза како последица на порастот на десниот популизам и национализам, социјални теми како што се сиромаштијата во Европа и миграциите, тоталитаристичките режими низ светот и прекршувањата на човековите права, религиозниот фундаментализам, како мултиплицирана штета врз поединецот и религиите, како учења на вредности се темите што предизвикаа јавни дискусии во присуство на неколкумина присутни режисери.
Најголема дискусија предизвика документарецот од грчко-француска соработка на независни истражувачи за нацистичкото политичко движење „Златна Зора“ („Golden Dawn: Personal Affair – What’s in the mind of the neo-nazi next door“) под режисерската палка на Анжелика Коронис.
Јасмина Голубовска