Categories

КОЛУМНА Чекајќи ги настаните што ќе почнат на време!

Во овие 11 години на владеење на криминалната коалиција МВРО –ДУИ(НГ) Бизнис, се изнагледавме секакви важни настани кои редовно доцнат, како и настани на кои челниците на криминалната коалиција, со раце претворени во свечени ножички, сечеа ли, сечеа ленти, фалејќи се со изг(к)раденото со пари на граѓанките и граѓаните на Македонија.

Пишува: Петрит Сарачини

Настрана тоа што речиси сè што изградија нè чинеше неколкукратно повеќе од реалната цена, и што стотици милиони евра, како што слушнавме во „бомбите“ на опозицијата и од повеќето истраги покренати од СЈО, завршија во џебовите на фамилијата и на нејзините слуги.

Она што е најдегутантно е начинот на кој овие обични крадци, без перде и срам, ја користеа секоја можна прилика да се пофалат со она што демек, тие го направиле со народни пари, злоупотребувајќи ја секоја можност за лов на гласачи, за партиска пропаганда и газење по достоинството на луѓето кои ги подржуваа и им аплаудираа, доброволно или со сила.

На тие настани, насобраната публика и учесници, од деца до старци, од аматери до врвни професионалци, послушно ги чекаа и им се воодушевуваа на олеснувачите на нивните џебови и уништувачите на нивната иднина. Деца во градинка, на температури под нулата, среде зима, го чекаа премиерот да им се обрати по неговото редовно и вообичаено доцнење од 40-тина минути. Актерите и публиката во театрите, молкум ги чекаа локалните или државните челници да седнат во своите столчиња за да ги започнат претставите. Музичарите чекаа на концерти, сликарите на изложби; наставници, родители и деца чекаа свечено отворање на реновирања на училишта со странски пари…; поминаа илјадници манифестации, но ништо не смееше да почне на време, без да дојдат „најзаслужните“ за нашата мизерија.

А дека „тешкостекнатите“ навики тешко се менуваат, видовме и на свеченото отворање на новата сала на Македонската филхармонија, киднапирано и претворено во приватна забава на криминалната власт во заминување. Светски виртуози, без поговор, чекаа повеќе од половина час да започнат со концертот, кој би требало да означи една нова ера во работата на оваа значајна културна институција, која за првпат, по повеќе децении, конечно доби услови за достоинствено да ја извршува својата функција. Но, попусто, кога токму оние кои се фалат со овозможување на тие услови, повторно го погазија достоинството на истите тие уметници, со нивното паланечко и некултурно однесување.

Ова хронично доцнење, почитувани сограѓан(к)и, не е поради тоа што овие знаменити ликови се толку зафатени и толку посветено работат за доброто на народот, „24/7“, како што велеа тие. Не, драги мои, таа навика не е само израз и вистински приказ на нивното пренадуено его, на неоправданото високо мислење за себе и сопствените капацитети, туку е рефлексија и на потценувачкиот однос кон граѓаните, на непочитувањето, презирот, па дури и омразата кон „човечињата“ кои се редат и аплаудираат пред нив. Тие навистина мислат дека „има кого да чекаме“, дека се работи загосподари на нашето време и судбини.

Младичот би им порачал на дежурните „доцначи“ да поуживаат уште малку во нивните навики. Веројатно ќе имаат уште неколку прилики да приредуваат вакви настани, чијшто почеток зависи од нивното доаѓање и пренатрупана агенда. Оти, како што врви времето, распоредот ќе им станува сè полесен и поредок. А освен тоа, иако се доцни со подготовките, би им препорачал да се подготват, и физички и психички, за настаните кои ќе се одржуваат во мошне блиска иднина, а кои ќе почнат точно на време.

Нивното пристигнување во „Шутка“ и во Идризово, на пример.

Print Friendly, PDF & Email