Вчера лидерот на здружението „Ќосето“, Горан Ангелоф, на својот Фејсбук профил напишал: „Нема гласови од патриотите додека не се даде аболиција за 27!“. За разлика од вчерашната порака во која не наведе кому му се обраќа, по апсењето на Игор Југ, денеска Ангелоф се обрати до претседателот на државата Ѓорѓе Иванов и побара да ги амнестира, според него, патриотите.
„Претседателе Иванов, СДС имаше дрскост да ги амнестира најголемите криминалци и злосторници на Македонија, најдете малку доблест да ги амнестирате патриотите!“
Лидерот на „Ќосето“, се обрати и до власта – дека на слобода пуштаат криминалци, дилери, убијци, а апсат патриоти, и дека ќе им се врати сѐ еден ден – завршувајќи со зборовите „Слобода за Игор Југ!!!“
Во неговите статуси може да се забележи и револтот дека никој не застана во одбрана на Југ.
Инаку, Ангелоф е еден од учесниците на инцидентот кои упаднаа во Собранието на Република Македонија, на 27 април. Тогаш, беа нападнати и претепани неколку пратеници на СДСМ, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев, како и пратеникот на ДР-ДПА, Зијадин Села.