Панче Ангелов кој ја нападна Радмила Шекеринска за време на насилствата во Собранието на 27 април, денеска е осуден четири години затвор од скопскиот Кривичен суд.
На рочиштето што се одржа минатата недела Ангелов изјави дека се чувствува виновен за кривичното дело наведено во обвинителниот акт.
Шекеринска на последното рочиште, на 6 октомври, побара одговорност за Ангелов и за организаторите на настаните во Собранието.
За време на насилствата во Собранието, Ангелов ја повлече за коса тогашната пратеничка, а сегашна министерка за одбрана, откако таа беше удрена со метален статив по глава! Во обвинението се наведува дека Ангелов бил во првата група која влегла во Собранието и прво му упатил закани на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а потоа ја нападнал Шекеринска.
За кривично дело насилство за кое беше осуден е предвидена казна затвор од три до десет години.