„Локалните беа фер и демократски избори, организирани во порелаксирана атмосфера и во медиумите“, забележа Кристиан Тимоние, францускиот амбасадор во Македонија, на средбата со министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
„Македонските граѓани, на локалните избори гласаа цивилизирано, во слободна и демократска атмосфера без никаква пресија, која беше присутна во минатото и тоа беше изненадување и за нас“, истакна Поповски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со обезбедувањето услови за слободата на говорот, транспарентното и отчетно работење на институциите, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари.
Изразувајќи задоволство од резултатите на локалните избори, министерот Поповски изрази уверување дека Владата ќе продолжи со поддршката на граѓанскиот концепт на централно и локално ниво, посебно акцентирајќи ги медиумските реформи предвидени во рамките на планот 3-6-9 во насока на забрзување на евроатланските интеграции на земјава.
Со министерот Поповски, францускиот амбасадор разговараше за актуелната состојба во медиумската сфера, за напредок на најавените реформи, на законската регулатива во медиумскиот сектор, а беа договорени и неколку билатерални средби на министерско и премиерско ниво.
Амбасадорот Тимоние забележувајќи дека Владата знае каде оди со чекорите кои ги презема, ја изрази подготвеноста на Франција да помогне во медиумската сфера, да ги помага новинарските здруженија, особено ЗНМ и да размислува во правец на помош на печатените медиуми.
М.Т.