Работниците што добиваат екстремно ниски плати, со радост ја пречекаа веста, дека од почетокот на септември, минималната плата во државава ќе изнесува 12.000 денари. Особено, вработените во текстилната гранка, кои впрочем, се најбројни меѓу работниците што ќе ги почувствуваат ефектите од оваа мерка – дел од социјалните политики на новата Влада. Од невладината организација „Гласен текстилец“ од Штип се со надеж дека работодавците доследно ќе ја применуваат регулативата.
„Не знам дали е сменет членот за нормираниот учинок, не знам дали е сменет за да речам ‘браво’, за оваа новина. Ако овде нема измена, пак ќе биде сè исто! Во секој случај, оваа новина е некаков почеток, зашто досега минималната плата во оваа индустриска гранка беше 9.590 денари, но без измена во Законот, пак работниците не ќе можат да остваруваат минимална плата од 12.000 денари“, вели Кристина Ампева, од НВО „Гласен текстилец“.
Според неа, толку многу се високи нормите во текстилот, што работниците практично, претешко доаѓаат и до сегашната минимална плата.
„На одделни работници им се исплатени плати и под 6.000 денари, зашто работодавците сами одлучуваат каква норма ќе постават. Нормата никој не ја контролира, не доаѓа да провери дали воопшто работниците можат да ја остварат! Едно човечко суштество не може да ја исполни таа норма, зашто не е робот“, забележува Ампева, посочувајќи и на пречестото кратење на парите за редовност, доколку работникот само еден ден отсуствува од работа.
Во секој случај, измените во регулативата што се веќе доставени до Собранието, останува да се изгласаат што поскоро на седница, за од септември, во Македонија да започне практичната примена на оваа мерка. Дотогаш, останува и обврската на Владата, со ребалансот на Буџетот, да ја обезбеди финансиската помош за фирмите, коишто треба да го исплаќаат минимумот од 12.000 денари за секој вработен.
Моника Талеска