Градежните работници се на терен и покрај препораките од Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, работниците да не работат на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
На видеото испратено од граѓански новинар се гледа како градежник ги извршува своите работи во центарот на Скопје и покрај високите температури.
Бремените жени и хронично болните на возраст над 60 години да бидат ослободени од работа, а градежните работници да не работат на отворено од 11 до 17 часот, се дел од препораките на Министерството за здравство што Владата ги усвои на синоќешната седница, поради топлотниот бран што ја зафати Македонија.
На седницата на Владата е донесена одлука препораките да ги почитуваат и државните органи и јавните претпријатија и установи.
„Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од три дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија“, информира Владината прес-служба.