„Железницата е блуз, на крајот на краиштата… Има многу допирни точки со рокенролот. Самиот звук на шината, кога се возиш, те инспирира. Има некој посебен ритам, знаеш… Онда, е многу инспиративна за патување, се патува низ предели, кои што, обично, не се многу чепнати. Подруго е кога идеш по автопат, а подруго кога идеш со железница“, го започнува Сеад Хаџиќ – Сецко документарецот „Толку многу љубови“, по сценарио и режија на Јордан Дуков, а во продукција на телевизија Телма.
„Толку многу љубови“ зборува за спојот на професијата и љубовта, за опстанокот и борбата за работите кои Сецко ги прави од и во име на љубовта.
„Документарецот е работен пред сè во рамките на еден серијал ‘Луѓе и места’, што се емитува на ТВ Телма, но подоцна се испостави дека има потенцијал да биде сам за себе, документарец. Во форма на филм премиерно се емитуваше на Фестивалот за музички документарци, во ноември. Идејата е спонтана, Сецко си е Сецко. Токму спојот на железница и рокенрол, мене ми беше супер-приказна да се состави во некој документарец. Сецко е приказна за себе… “, вели Јордан Дуков, сценарист и режисер на филмот.
Сеад Хаџиќ – Сецко е докажан музичар, автор и гитарист. Навидум обичен човек, кој се радува на мали и секојдневни нешта, човек кој несебично се дава себеси во секоја работа што ја работи. Бунтовник, емоција во движење. Она што е помалку познато за него во јавноста е дека работи како отпремник на возови.
„Ќе дојде време кога ќе спиеш во воз, и ќе научиш шината како звучи и ќе се симнеш на вистинската станица. Секаде каде одам по станиците, со себе носам гитара. ‘So many loves’ ја правев на клупата во Радуша, ‘Странец’ и многу други песни се направени некаде по пат“, вели Сецко во документарниот филм.
За филмот, вели дека му било навистина чест да работи со човек, кој, пред сè, е љубител на неговата музика.
„Ми се јави малку срамежливо и ми рече, Сецко, може ли да направам документарец за тебе, ама ме интересира оној другиот дел од животот“, вели Сецко во разговор за ЦИВИЛ Медиа.
„Сеад Хаџиќ – Сецко е урбана легенда на македонскиот рокенрол. Тој е локомотивата на бендовите ‘Ласт Експедишн’ и ‘Мугер Фугер’, покрај тоа што е железничар. Ова е приказна за железницата и рокенролот. Ова е приказна за Сецко“, вели Дуков за документарниот филм.
Маја Ивановска