Categories

КОЛУМНА Трио фантастикус

пишува: Сашо Орданоски

Полека, но сигурно, се чини дека претседателот на Врховниот суд на Македонија, Неговото Правно Првосвештенство Јово Вангеловски, се претвора во главниот заштитник на крупниот криминал во државата.

Како што некои колеги вчера потсетија, тој играше клучна улога во долгото бегство на Сеад Кочан од правдата; потоа имаше истакнат придонес за исчезнувањето на двајцата главни обвинети за прислушувањето (и за низа други работи), по кои сè уште се трага, Грујевски и Бошковски; а сега, во соработка со верниот асистент, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџоски – кому функцијата, со онаа внимателно подсуредена брадичка, му стои како што им стоеја по еден број поголемите костуми од следната социјалистичка модна сезона на оние манекенски кукли во излозите на некогашната скопска Стоковна куќа! – тргнаа во Гевгелискиот суд да го спасуваат поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, од неговото зла кривично-правна судбина со димензии на сосема изгледни прошетки во Идризово на подолг период.

Мислам дека однесувањето на Вангеловски е за секоја пофалба, од аспект на неговата морална и професионална доследност. Човекот со години е една од најистурените судски позиции како правен велемајстор на Фамилијата. Сега, кога таа криминална организација е под закана за поединечни и колективни апсења по разни нејзини водорамни и вертикални оски, Вангеловски не сака да ги предаде, да ги остави на цедило, да ги изневери нивните големи инвестиции во него и да се стави наеднаш, преку ноќ, на страната на правната држава! Цврст карактер е Вангеловски, капа долу!

Од друга страна, Панчевски во изминативе денови, откако му почнаа неволјите, сигурен сум дека завртел некои телефони, пратил абери, побарал некоја средба, каде образложил дека не е будала самиот да замине во неславната правна вечност! Тој, секако, знае толку многу за различни сензитивни операции на Фамилијата што, претпоставувам, на своите политички протежеа смирено и љубезно, иако со извесна апстрактна описност, сликовито им соопштил: „Ќе ви ебам све по список ако ме пуштите низ вода, све ќе кажам!“… Панчевски за Фамилијата ви е како вицот за сопругите: Не можеш со него, а (сега веќе) не можеш ни да го утепаш!

И така го добивме ова Трио фантастикус – Панчевски, Вангеловски, Караџовски, како излезени од некоја стрип-продукција на Марвел – кои ќе ја спасуваат дистопијата на Фамилијата од неизбежната пропаст. Над нив е надвисната долгата сенка на Великиот Архитект на македонската правна пропаст, кандидатот за советник во Град Скопје Михајло Маневски, кој во Салонот на баба Нада го има статусот на Кардиналот Ришеље, главниот демиург и врховен експерт за кадровски и кривично-правни смутови од секаков вид. Па, само таков лик како Маневски може да пронајде некого како Томе Аџиев или оној од Советот на јавни обвинители (Аневски ли се викаше, стално го заборавам?) за спроведување на прочуените идеолошко-криминални операции на Фамилијата…

Нејсе, списокот на оние кои мораат да бидат реформирани во македонското правосудство сам се комплетира. Во целост се согласувам со Панчевски: би било крајно неправедно само тој, осамен, да заглави во налетот на неизбежната правда. Вангеловски и Караџовски секако заслужуваат истакната улога во предметот на правосудните реформи.

Па, не за џабе Панчевски снимал сѐ, којзнае кого и што има по тие непроценливи видео сведоштва!

 


Преземањето на оваа содржина е дозволено само по 11 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.

Print Friendly, PDF & Email