Грчкиот морнарички офицер Димитрис Стаматис го тужи експремиерот Јоргос Папандреу, поранешен лидер на грчките социјалисти и претседател на Социјалитичката интернационала, за предавство, изборна измама и ширење невистини и бара обесштетување од 260.000 евра, плус камата.
Според текстот на новинарот на „Дојче Веле“, Јанис Пападимитриу, Стаматис тврди дека во 2009 година им поверувал на изборните изјави на Папандреу дека има „доволно пари“ во буџетот и само заради тоа гласал за социјалистите.
Во предизборната кампања есента 2009 година, Папандреу изјавил дека „Пари има (доволно)“!, одговарајќи на барањата на тогашниот премиер Костас Караманлис за неопходноста од штедење поради претстојните тешки времиња. Откако победил на изборите во октомври 2009 година, Папандреу и самиот признал дека Грција е пред банкрот и одредил курс на штедење, со што останал на власт само 25 месеци, најкраток мандат на еден грчки премиер од 1974 година.
Според текстот, Папандреу постојано повторува дека никогаш не тврдел оти „има пари“, туку дека сакал да упати предупредување дека само ако Грција темелно се реформира, ќе има и пари.