Утрово во Куманово уапсен е Игор Југ, едно од лицата кои влегоа во Собранието за време на „Крвавиот четврток“. На Југ му беше одреден притвор и се бараше со потерница за учество во насилните протести, но тој досега, не беше достапен за органите на прогонот.
Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово кое беше дел од Патриотскиот фронт. Пред настаните во Собранието, фронтот упати декларација до јавноста дека се против начинот на работата во македонскиот парламент и се заканија со други мерки.
На 27 април, Југ беше дел од групата која влезе во собраниската прес-сала каде беше извршен напад врз пратениците на актуелната власт. Во парламентот тој влегол преку предната врата која, според снимките, ја отворија пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, додека голем дел од насилниците со фантомки, влегле од задниот влез во Собранието. Според снимките, Југ носеше црна маица со симболот на про-усташката организација ХОС, а беше забележан како подолго време ја држи раката на грбот под маицата, по што дел од медиумите прашуваа дали бил и вооружен.
Пред неколку дена, српскиот разузнавач, Горан Живаљевиќ, кој исто така беше во Собранието за време на протестите на 27 април, го посочи Југ како лицето кое наводно, требало да го убие лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ако сум сакал некого да убијам, зошто не сум го убил? Кој можеше да ме спречи? Можев со раце да удавам некој ако сакав, таму бевме 200 на 1! Јас ли треба да бидам жртвено јагне у оваа ситуација!“, напиша Југ на својот Фејсбук профил.