Околу 400, од вкупно 700 вработени во комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, денеска го блокираа патот Скопје – Тетово кај патната рампа Желино, во знак на протест поради неизвесноста за својата работна иднина. Тие со двочасовна блокада на патот го манифестираа револтот од одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, со која е продолжена забраната за работа на компанијата и во наредните три месеци.
„Бараме повлекување на забраната, затоа што стравуваме дека и по одлука на Инспекторатот, ќе можеме да си го зачуваме работното место во фабриката. Од ноември наваму, откако е затворена компанијата, ни се исплаќа 70 отсто плата, но тоа не може до недоглед. Ќе бараме повторно средба со премиерот Емил Димитриев. Сите 700 вработени се грижат за егзистенцијата на своите семејства. Ако ние останеме без работа, практично, нема опстанок и за нас и за нашите најблиски“, вели Бајрам Амити, претседател на Синдикатот на „Југохром“, со надеж дека сепак, ќе се реши нивниот статус, дека фирмата ќе продолжи со работа, а паралелно ќе тече и постапката за изградба на филтри против аерозагадување.
Синдикатот на „Југохром“ утре ќе се сретне со директорот на компанијата Васко Скендеровски за изнаоѓање заедничко решение.
М. Талеска