Светот денеска го одбележува Меѓународниот дена на театарот – 27 Март. Со голем број претстави и читање пораки за сценска уметност, ќе се пренесе идејата за значењето на театарот во светот.
„Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе, благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба; како што се вели – ‘Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме, благодарејќи му нему’. Театарот е силен! Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија“, вели француската филмска и театарска актерка, 64-годишната Изабел Ипер, која оваа година е автор на светската порака за Денот на театарот.
„Се вели дека доволно е да се каже ‘театарот е гола сцена од некое неодредено време’, сè што ѝ треба е актер или актерка. Што ќе прават, што ќе кажат… Публиката чека и ќе дознае. Конечно, без публика нема театар, тоа никогаш да не го заборавиме. И само еден човек е публика. Но, да се надеваме на помалку празни столчиња“, апелира Ипер во својата порака.
Македонската порака по повод 27 Март, ја напиша Благој Мицевски, костимограф, режисер и уметнички директор на Народниот театар од Битола.
„Многумина, исто така, ќе речат дека театарот има моќ да го менува светот на подобро. Сведоци сме дека тоа не е така, но, сепак, театарот има моќ да го менува човекот, да создава подобри светови од оној во којшто секојдневно живееме, да создава слики што порано не сме ги виделе, јазик што сите го разбираме и на кој заедно се смееме или плачеме“, истакнува Мицевски.
„Театарот е храна и тоа онаа многу популарната – органска. Затоа што сами ја засејуваме, затоа што знаеме на каква почва ја одгледуваме, затоа што не ја прскаме со вештачки ѓубрива, туку ѝ подаруваме љубов, а не лажни ветувања. Храна, која иако понекогаш ни го превртува желудникот, нѐ прави да се чувствуваме добро и долго да живееме“, се вели во пораката на Мицевски.
Денот на театарот во Скопје се одбележува на академската сцена на Факултетот за драмски уметности, каде што со театарски маратон од дела создадени од студентите и професорите на ФДУ, ќе се пренесе магијата на театарот.
Марија Теговска