Одлуката која ја потпиша американскиот претседател, Доналд Трамп, за забрана за влез на муслимани од седум земји во САД, предизвика остри реакции од целиот свет.
Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), со мандат за заштита и поддршка на бегалците, објави соопштение во кое вели дека потребите на бегалците и мигрантите ширум светот никогаш не биле поголеми. Во соопштението стои дека Агенцијата за бегалци и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) се надеваат на понатамошна соработка за заштита на мигрантите.
„УНХЦР и ИОМ остануваат посветени на работата со администрацијата на САД, со заедничка цел да се обезбеди сигурна и безбедна програма за ресоцијализација и имиграција. Ние силно веруваме дека бегалците треба да добијат еднаков третман за заштита и помош, како и можности за преселба, без оглед на нивната религија, националност или раса. Ние ќе продолжиме активно и конструктивно да ја вклучуваме Владата на САД, како што сме го правеле тоа со децении, за да ги заштити оние на кои им е најпотребна поддршка“, стои во соопштението на УНХЦР/ИОМ.
Во меѓувреме, Федералниот суд во Њујорк изрече наредба со која на САД привремено им се забранува да ги депортираат луѓето од земјите кои се на листата на претседателот Трамп. Судијката Ен Донели, ја донесе оваа наредба откако адвокатите на Американската унија за граѓански слободи, поднесоа тужба во име на луѓето од седумте држави чии граѓани се претежно муслимани, кои се задржани на аеродромите ширум САД. Ваквата одлука забранува американската гранична полиција да ги врати луѓето кои во САД допатувале од Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен, и ќе биде на сила до следното рочиште, закажано за 21 февруари.
Забраната на Трап предизвика серија реакции и кај жителите на САД. Во рок од три недели, во Тексас се запалени две џамии. Од друга страна, во одбрана на мигранитите ширум земјата се организираа протести, на аеродромите во Џорџија, Индијана, Масачусетс, Њујорк, Северна Каролина, Илиноис, Колорадо, Мичиген, Тексас, Кентаки, Минесота, Њу Џерси, Небраска, Калифорнија, Тенеси, Пенсилванија, Орегон, Невада и Вашингтон.
Иранскиот претседател Хасан Рохани упати индиректна критика до Трамп, на меѓународната конференција за туризам, изјавувајќи дека „поминало времето за изградба на ѕидови меѓу различните земји“. Иако Иран и САД немаат дипломатски односи повеќе од 37 години, во САД живеат околу милион Иранци.
А, како спротивност на идеите на Трамп, премиерот на Канада, Џастин Тридо, на Твитер напиша: „За оние кои бегаат од прогон, тероризам и војна, Канаѓаните Ви посакуваат добредојде, без оглед на вашата вера. Различноста е нашата сила. #ДобредојдовтеВоКанада“
Подготви: М. Ивановска