Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи на средбата со новиот постојан претставник на УСАИД во земјава, Дејвид Атебери истакна дека поддршката на УСАИД има високо влијание за развојот на Македонија.
Вицепремиерот на средбата ги презентирал надлежностите и политичката агенда на Секретаријататот за европски прашања (СЕП), посочувајќи дека моменталниот фокус на Владата и на СЕП е во поддршката на реформскиот процес преку планот „3-6-9“ и мастер-планот за ИПА.
Атебери пред Османи го презентирал портфолиото на УСАИД со сите области и конкретни проекти што се спроведуваат во Македонија и потенцирал дека УСАИД „целосно ја поддржува македонската влада за унапредување на процесите за евроатлантска интеграција“, известува МЕТА.
„Атебери истакна дека УСАИД е партнер на Република Македонија во последните 25 години, а главните три области во кои делува УСАИД се демократија и владеење, економски раст и образование, за кои се во тек повеќе проекти“, стои во соопштението за средбата.
Двајцата соговорници на крајот на средбата го истакнале интересот на двете страни за интензивна соработка околу развојната стратегија на УСАИД за Македонија, која треба да се доврши до крајот на 2017 година, а се договориле и за редовна координација и размена на искуства во области каде УСАИД може да ја даде потребната поддршка на земјава.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.