(Од дневникот на ЦИВИЛ-ите: 5 октомври 2017 година)
Новиот живот и новата ера го истераа единаесеттиот ден од својот трапав танц на валканата сцена. Нивните приврзоци ѕвечкаа на појасите од големите лидери и локалните шерифи, приклештени во рамките со црвени тонови што им ги поставија пи-ар мајсторите.
Единаесеттиот ден од предизборната кампања (5 октомври) го одбележаа уште насилство, валкани трикчиња и многу слатки лаги изречени од партиските говорници. Зошто лаги? Па, и да го видам тоа што го ветуваат, ќе ги тријам очите во неверица!
Овој ден, на половина пат од законски дозволената предизборна кампања до денот на гласањето, го одбележа смртта на еден од кандидатите за градоначалник на општина Кичево, Алит Абази, застрелан на 27 септември, на улица, дење. Истрагата сè уште не ги соопштува мотивите, иако напаѓачот по пукањето не се криел, туку седнал да пие кафе во познат локал. Но, без оглед на мотивите, ова е настан кој требаше да ја раздвижи јавноста, но и институциите. Наместо тоа, имавме уште напади, вклучувајќи и обид да се испрскаат со спреј учесниците на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, на кој учествуваше и раководителот на таа партија. Освен брзата реакција на полицијата која го осуети овој напад, не видовме некоја особена реакција. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ побрза да го демантира ЦИВИЛ и остро да го нападне, со закана дека ќе го дискредитира пред „меѓународните донатори“, како што велат во своето луто соопштение. Им одговоривме. Со позитивна енергија, со тон на конструктивност за која Груевски кажа дека нема да ја практикуваат.
СДСМ го тера својот политички караван, на кој има ред народно, ред забавно, со претежно машки говорници, кои зборуваат за ослободувањето, за криминалот на претходните властодршци и за убавините кои граѓанките и граѓаните ќе ги видат со новата власт. Овој пат, во Тетово, каде што голем број Албанки и Албанци гласаа за СДСМ на парламентарните избори и со тоа испишаа нова страница во политичката историја на Македонија – за прв пат, гласачите гласаа надвор од својот етнички камп. Албанците, разочарани и гневни на ДУИ и Али Ахмети, долгогодишниот послушен партнер во власта на Груевски, гласаа за СДСМ.
Но, сега СДСМ изгледа како да исплаќа некој долг. Дали белокосиот, молчалив политички калкулант кој преживеа многу политички и криминални афери, се испазарил да му се вратат гласачите кои заслужено ги изгуби?
Зоран Заев, премиер и лидер на СДСМ, беше во благопријатна обиколка на Тетово, заедно со градоначалничката Теута Арифи, интелектуалка позната по своите независни ставови и чести несогласувања со политичкиот камелеон Ахмети. Ја посетија гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ и ветија изградба на централниот училиштен објект. Ете, долго одложуваната градежна операција, поради игнорирањето од претходниот премиер, сега ќе се оствари. Хм…
Истовремено, Министерот Драган Тевдовски во Штип ги разгледуваше отворените прашања за бизнисот во Штип и за тоа дека со ребалансот на буџетот се предвидува „сериозна сума пари која што е буџетирана за да им се даде поддршка на малите и средните претпријатија“.
Исправете ме ако грешам, но ми се наметнува прашањето дали ова е суптилен, па и не така суптилен предизборен маркетинг со вкус на злоупотреба? Ѝ го напишав тоа прашање на една членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ. Ми одговори со смајли и со зборовите: „Па, дефинитивно е мешање на владата во предизборната кампања на владеачката партија. Но, со оглед на интензитетот на мешањето, вкусот на злоупотреба е сè уште благ, а не горчлив.“
Навистина, што сè видовме во времето на Груевски, од Пустец, до тепање, затворање и тешки злоупотреби и криминали, ова изгледа како мачкина кашлица. Но, не значи дека треба да помине незабележано и без критика.
Кампањата на Груевски е силно зачинета од сè побројната струја за реформи во партијата која тој ја држи во своите канџи повеќе од една деценија. Ветераните на партијата излегоа со јавна поддршка на Реформаторите и побараа оставка од него. Правосудниот систем и партиската правда како да се во трка. Со оглед на корумпираноста на судовите, кои упорно ја усложнуваат и опструираат работата на херојското СЈО, изгледа дека партиската правда ќе го стаса Груевски пред законот.
Како и да е, во овој краток и нецелосен преглед на 11-от ден од предизборната кампања, остануваат повеќе прашања неодговорени отколку одговорени. Останува да лебди прашањето за Избирачкиот список и функционирањето на ДИК на денот на гласањето и веднаш потоа, во мачните часови на броење на гласовите и процедурите на приговори, евентуални прегласувања и што уште не. Остануваат отворени прашањата за изборните притисоци и коруптивното дејствување на партиите. Прашањата за тоа како се однесуваат партиските солдатески на теренот, далеку од очите на јавноста и медиумите кои – непоканети – страдаат од „сончоглед ефектот“…
Во некоја друга прилика, ќе се позанимаваме со прашањето колку верскиот радикализам ќе го замени етничкиот и што од тоа (ќе беше) подобро да го превенираат општеството и државата…
И секако, во очекување на сите насилнички дејствија кои, ете, ќе ги премолчиме, бидејќи слободата, нели, дојде, па можеме да проголтаме по некое убиство и скршени глави.
И, на крајот…
Што понудија партиите? Блуткав вкус на неинвентивни кампањи и тотално неоригинален настап на претендентите за локалните фотелји… Милиони бегалци кои само што не ја преплавиле Македонија, национал-шовинизам, слобода, нов живот, нова ера и ветувања од тефтерчето на просечен хаузмајстор. И многу мажи и мажиња на сцената, додека жените ракоплескаат. Домаќински.
Џабир Дерала
Секој ден, членовите на Редакција ЦИВИЛ Медиа, прават преглед на предизборната кампања, од личен, авторски аспект, со што придонесуваат кон едно поинакво, критичко гледање на предизборната реалност. Ова се текстови кои повикуваат на размислување и дискусија со факти, аргументи и независни ставови.