Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната сеница го утврди Предлогот на партијата Движење Беса, Ермира Асани Салија да биде нов член на Државната изборна комисија.
Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, вчера до Комисијата го доставил Предлогот на Движењето Беса, член на ДИК да биде Ермира Асани Салија, дипломиран правник од Гостивар и член на Централното претседателство на партијата.
Асани Салија доаѓа на местото на Бедредин Ибрахими од ДПА, бидејќи Беса е четвртата партија според бројот на пратеници во парламентот.
Претседателот на Комисијата, Илија Димовски изрази благодарност до Бедредин Ибрахими за досегашниот ангажман и коректната работа како член на ДИК.
Изборот на новиот член на ДИК ќе биде ставен на дневен ред на денешната пленарна седница на Собранието.
Минатата недела, на прес-конференција која ЦИВИЛ Медиа директно ја пренесуваше, Бедредин Ибрахими, досегашен член на Државната изборна комисија од ДПА, изјави дека објавувањето на јавен оглас за избор на еден член на ДИК е противзаконско!
„Петгодишниот мандадат ми е загарантиран со закон што е донесен пред дополнување и донесување на овие измени на Изборниот законик како на ‘Дивиот запад’…. Откако се убедија, особено редефинистите, дека мандатот ми е гарантиран со закон, преземаа конпромитирачки чекор за самите нив, потписниците на овој Предлог-закон и за законодавниот дом. Мојата оставка би значела согласување со крајниот, на вандалистички начин, донесен закон и со активностите на Беса и на другите субјекти што го потпишаа, а кои се умилкуваат на овој субјект за локалните избори“, рече Ибрахими, додавајќи дека своето право ќе го брани со сите дозволени легални средства, во и вон земјата.
Ибрахими се обрати и директно до претседателот на Собранието, Талат Џафери, читајќи го целосно неговото укажување и предлогот за ставање вон сила на одлуката за негова смена.
„За да ја донесете спорната одлука, најпрвин треба да донесете одлука за разрешување на член на ДИК и тоа само ако е исполнет еден од условите утврдени со член 28, став 1 од Изборниот законик“, изјави Ибрахими.
Понатаму, во неговото укажување до Собранието, Ибрахими потенцираше дека законодавниот дом ја прави првата повреда и изборна нерегуларност што лошо ќе одрази на финалниот извештај за локалните избори.
„Господине претседател, довербата што ви е дадена Вам и на другите пратеници на непосредни избори, ја злоупотребивте, носејќи закони за еднократна употреба, а за злоупотреба се одговара“, се обрати директно Ибрахими до Џафери.
На крај, и новинарските екипи беа искритикувани од Ибрахими за наводно задоцнетата реакција, при што останаа без неговиот одговор на поставените прашања.