Categories

СТАВ Валандово остана без душа…

Некогаш град на калиниките, спортот и културата, денес – град на рудници и иселувањето…

Пишува: Владимир Лазов

Дали некои луѓе успеаја да го направат Валандово град без шмек и убавина, без живот? Некогаш, имаше Фолк Фест, на кој новокомпонираната музика ги достигна вредностите на традиционалната народна музика, некогаш Валандово живееше, и на културен план… Денес – не.

Ни останаа само добрите песни од Фестивалот, да се сеќаваме кога имаше живот низ улиците.

Некогаш. Беше чест и гордост да кажеш дека си валандовчанец. Мали бевме, но имавме полна душа.

Сега остана „Личната валандовчанка” да ги „слуша само камбаните”, бидејќи песните кои ги сакаше и публиката и жирито, „Лихнида ги однесе со кајчето”. Некаде далеку.

Некогаш, во Валандово имаше спортски манифестации во мал фудбал и кошарка, сè вирееше, вриеше од млад свет. Денес – не.

Денес на местото каде дел од тоа се одржуваше, имаме тезги за пазар! Во училишен двор и училишно игралиште. Лудница!

Младите спортски таленти наводно, треба да „продаваат” и бакарна руда таму, освен ако не се избориме со референдумот, да не дојде до тоа.

Некогаш, Валандово имаше „корзо”, млади фамилии шетаа по улиците, денес сè поретко, повеќе валандовчани има на аеродромите, чекираат билети за неповрат.

Иселувањето стана тренд во овој град.

А како нема да стане, кога дипломираните инженери треба да работат во конфекција за 200 евра месечна плата, магистрите треба да бидат келнери, докторите – слуги, а во администрацијата…, ај, подобро да не…

Сега, на сето ова, сакаат да ни отворат и рудник за бакар, од одтворен коп, со лужење.

Сè некако ми се чини дека некој од Валандово сака да направи забаталено село, во кое луѓето немат поим што е тоа рудник, па стапката на заболени и починати е енормно зголемена.

Валандово не е тоа што беше. Валандово остана без душа …

А, кога го спомнав референдумот да кажам збор-два и за тоа.

Собраните потписи, 2.213 вкупно, се според законот доволни за Советот да распише референдум.

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, беше, и е, една нова енергија во Општината, енергија која му даде посебен сјај на градот и улиците. Настанот за локална храна и развој, на кој имаше и локални музички изведувачи, беше најкултурниот настан што се има случено во последниов период во градот.

Иако се собраа потписите, локалните власти се правеа како да се паднати од Марс. Немаат поим што треба да прават, не знаат за што се, а за што не се надлежни и не се свесни за нивните функции… Или, се прават луди, од некоја друга причина.

Несвесни дека Валандово испиша неколку страници во поновата македонска историја, првпат некој да се избори за референдум на локално ниво, преку собирање на потписи на граѓаните!

И покрај сè, граѓаните успеаја да дојдат до референдум, па така, на 20-ти август ќе имаат историска шанса непосредно, тие самите, да одлучат за нешто важно во Општината.

Верувам во граѓаните, бидејќи се искрени и секогаш се во право кога критикуваат.

Од 20-ти август, Валандово ќе почне да живее еден поинаков живот.

(Авторот е граѓански активист од Валандово)

Print Friendly, PDF & Email