Министерството за труд и социјална политика испрати соопштение до јавноста во кое потенцира дека ќе нема кратење на пензиите и дека тоа е дезинформација на сегашната опозиција.
Според МТСП, претходната влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ, не предвидела никакво покачување на пензиите при донесувањето на Буџетот за 2017 година. Со донесување на ребалансот на Буџетот за 2017 година, од страна на актуелната влада, се обезбедени средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година.
„Владата предводена од СДСМ никогаш нема да работи спротивно од интересите награѓаните, ниту пак, ќе манипулира со нив како што тоа го правеше и сè уште го прави ВМРО-ДПМНЕ. Се остваруваат дадените ветувања и се спроведуваат зацртаните реформи што носат повисоки плати и пензии, нови работни места и унапредување на социјалната заштита“, тврди СДСМ.
И според министерката Мила Царовска, нема кратење на стекнатото право на пензионерите, туку само почитување на законот кој овозможува пензионерите годишно да добијат зголемување повеќе од 5 отсто, колку што добиваа досега, но по финансиска анализа на состојбата на буџетот и на можностите, пензиите ќе се зголемуваат дополнително. Во согласност со Законот за пензиите и членот од Законот за усогласувањето со растот на трошоците за живот и растот на платите, според Царовска, секој пензионер ќе добива по 180 денари секој месец, од јануари до декември, или за 2017 година – 2.160 денари. Според „Плусинфо“, Царовска истакнала дека „на крајот од секоја година, по анализа на состојбата на буџетот и можностите ќе се зголемуваат пензиите дополнително, а тоа секако, ќе зависи од финансиската анализа“.
„Усогласувањето на пензиите во 2017 година се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Имено, усогласувањето на пензијата се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50%… Со оваа формула на усогласување на пензиите се обезбедува еднаквост на корисниците на пензијата, бидејќи пензијата е лично право и се остварува од остварениот работен стаж и платите. Претходните решенија за усогласување на пензиите во номинален износ, односно за сите еднаков износ, е решение кое може да се примени во услови кога се остварува ‘државна пензија’ која се финансира од даноци и не зависи од работен стаж. Во услови кога пензискиот систем се основа на стаж на осигурување и остварени плати, усогласувањето на пензиите треба да биде на секоја индивидуална пензија“, се вели во соопштението на МСТП, во кое се додава и дека „усогласувањето на пензиите од 1 јануари 2017 година изнесуваше 0,82%, а усогласувањето на пензиите од 1 јули 2017 година ќе изнесува околу 1%“, како и дека „Владата на крајот на годината ќе ја разгледа можноста да се изврши и дополнително зголемување на пензиите“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „пропорционалното зголемување на пензиите е модел кој тргнува од основицата. Така, оние кои земаат мала пензија ќе добијат минимално зголемување, додека оние кои примаат највисоки пензии ќе добијат максимално зголемување“, па затоа, „оваа мерка на Владата на СДСМ, не е во прилог на пензионерите и на нивниот животен стандард, со оглед на фактот дека огромен дел на пензионери не примаат високи пензии“