Општина Прилеп за месец август, добила 530.000 денари помалку, односно 7.72 отсто помала дотација од ДДВ. „На ваков ли начин СДСМ планира да ја покрие буџетската дупка, којашто забрзано ја создава со своето неоговорно, расипничко задолжување и трошење? “, обвини прилепскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.
Неодамна и централата на партијата посочи дека не само Прилеп, туку и низа други општини во Македонија, се соочуваат со истиот проблем.
Од Министерството за финансии, за ЦИВИЛ Медиа велат дека овие наводи не се вистинити, дека никако не се работи за кусок на средства и дека приходите коишто општините ги добиваат, како трансфер од државата, се исплаќаат согласно законот.
„За да нема дезинформирање на јавноста, постапката е следна. Во 2016 година се врши проекција на данокот на додадена вредност. Согласно Законот за финансирање на ЕЛС, дотација од ДДВ се пресметува во висина од 4,5% од наплатениот данок на додадена вредност во претходната година. Ова е редовна процедура, утврдена согласно споменатиот Закон, што е донесен во 2004 година. Согласно законските одредби и утврдените критериуми за распределба на дотацијата од ДДВ, се врши усогласување на износот на дотација од ДДВ кој се трансферира на општините, имајќи предвид дека исплаќањето, се врши на наплатениот износ на ДДВ, а не на проектираниот износ“, соопштија за ЦИВИЛ Медија од Министерството за финансии.
Моника Талеска