Огромен постер на Никола Тодоров од последните парламентарни избори, кои се одржаа на 11 декември 2016 година, сѐ уште стои на една зграда која е во близина на плоштадот во Автокоманда, иако пред неколку дена Државната изборна комисија (ДИК) со ждрепка изврши распределба на локациите на рекламните паноа и билборди за политичко рекламирање на политичките партии за претстојните локалните избори, известува анонимен граѓански новинар.
Локалните избори треба да се одржат на 15 октомври, но постерот на поранешниот министер за здравство, којшто на претходните парламентарни избори беше носител на листа на ВМРО-ДПМНЕ во Изборна единица 2, актуелниот адвокат Никола Тодоров, уште не е отстранет, иако поминаа речиси 10 месеци откако завршиле парламентарните избори.
Според членот 185 од Изборниот законик, доколку организаторот не го отстрани сметот од плакатите во рок од 30 дена по завршување на изборите, се изрекува глоба во износ од 500 – 2.000 евра.
ЦИВИЛ Медиа, пред три месеци пишуваше за неотстранетиот постер на Тодоров и побара одговор од надлежните институции, но отогаш до денес, не добивме никаков одговор.