Активистката од Македонија Елвира Мустафа за ЦИВИЛ Медиа напиша репортажа од првата геј- парада одржана во Приштина, Косово, на 10 октомври 2017
По покана на мои драги пријатели, а и како активист за човекови права, имав чест да присуствувам на првата геј парада во Приштина, Косово.
Пристигнав два дена порано, со уште седумина од Македонија, бидејќи бевме гости на панел-дискусијата на која присуствуваше и полициски инспектор од Приштина, кој истакна дека ова е значаен ден за Косово, зашто, за првпат во историјата се одржува Pride Parade (Парада на гордоста). Воедно, инспекторот истакна дека нивното истражување покажува дека ЛГБТ заедницата од Косово се соочува со многу проблеми и предизвици, но воедно и закани. Кога сме кај заканите, заборавив да истакнам дека сето време бевме под полициска заштита.
Вториот ден бевме гости во амбасадата на Холандија, каде претежно се дискутираше за човековите права односно, за прекршувањето на човековите права на маргинализираните групи. Бевме поканети и на забава, геј-забава каде навистина, имаше премногу љубов и позитивна енергија, што можеби е несфатливо за луѓе со поограничени погледи. Но, за жал, не заврши ноќта така убаво, беше уапсена една геј-актвистка од Црна Гора која беше задржана три часа во полиција. Односот на полицијата бил вулгарен и некоректен, но за тоа ќе следува тужба до Хелсиншки.
И, големиот ден наречен Парада на гордоста. На моето прашање: зошто токму тоа име, организаторите ми одговорија дека тие се гордеат со тоа што се и дека сакаат светот да ги види и да ги прифати такви какви што се.
На самата парада присуствуваа многу луѓе – 500, што не е мала бројка за првпат, особено, ако се потсетиме како беше во Белград, Амстердам…
Имаше провокации од толпата луѓе околу парадата, но немаше некој поголем инцидент. Нормално, и тука бевме под големо полициско обезбедување, имаше и полицајци во цивилна облека… И, нормално, беа присутни и бројни медиуми.
На парада присуствуваа и голем број функционери, меѓу кои и премиерот на Косово, кој истакна дека секое прекршување на основното човеково право – правото на слобода, ќе биде кривично гонето. И, им даде подршка на учесниците, па маршот продолжи понатаму.
Слоган на приштинската Парада на гордоста беше „Во име на љубовта“.
Токму во име на љубовта, да престанеме да мразиме и да судиме… Секогаш, да тргнуваме од себе.
Елвира Мустафа