„J’y vis et je l’e’teins!“ е запис на темпларски штит со изгравиран саламандер во огин. „Живее во огин, гасејќи го!“ Живееме во токму таков период од историјата што може да се опише како живеење во огин. Огин што не само што треба да го преживееме, туку со своето живеење ќе мораме и да го изгаснеме истиот тој огин. И ако истиот ни бил дом, потик, дури и цел на борбата!
Значи, да се погрижиме да преживееме среде огин, а истовремено, да сме први кои ќе се изложат на секоја опасност, на секој обид на крадење на граѓанската слобода, на секој обид на обесправување, на секој обид на затворање на „раскрилените крилја на демократијата“ во претесен кафез – па кафезот и да е со златни решетки…
Притоа, земајќи искра од огненото време што нé опкружува, и распалувајќи го огнот кој постојано, како некој вечен огин – потсетник, пламти во нас… Да го потулиме, разгориме, самите однатре огин да се сториме, оти само така и такви, можеме да одговориме на предизвиците на времето, да ја одбраниме правдата од неправдата, граѓанството од малограѓанството, слободата од тиранијата, рационалното од апсурдното, вистината од „спинот“, широките тревници околу „домот“ од бодликавите жици пред влезот во „домот“, и згора, пред влезот во секоја соба од „домот“…
Та, на крај, со огин, кој гори во срцето а може да се види во очите, да ја исчистиме Македонија од оној кој сакаше да ни ја земе слободата, од диктаторот, неговото злосторничко здружение на „браќа по тендери“… Но, не тргајќи на нив со огнени факели од огнот во кој што живееме, и кој сите, па и нив, нé опкружува, туку спротивно: употребувајки ја древната мудрост на „волшебниот саламандер“. „Во огин живее, но огнот го гаси“!… Да го згаснеме огнот кој од нив е запален за да изгори домот, да изгори Македонија!
Да знам, Ќе запалат нов, не им е ни прв, а не ќе им биде ни последен пат… Но мудроста е во тоа: со самото наше постоење, опстојување и дејствување, во огнот што постојано го разгоруваат, не само да си ја вратиме и сочуваме сопствената слобода, туку и истовремено, да го гаснеме таквиот пеколен огин.
Огинот што мора да го распалуваат груевистичките добошари, за да има на што „Ќосињата“ одново и одново, да ја подгреваат својата омраза. Омраза кон постојано нов и модифициран надворешен, а особено (нов, и нов, и новоизмислен, и повторно, нов и нов) „внатрешен’ непријател…
Та, токму ние, кои сме директно „фрлени“ во средиштето на таквиот огин, треба, од една страна, и прометејски да им се спротиставиме на „боговите лажни“, и да му го однесеме огнот на народот, на сите оние што живеат во диктаторската темница и не знаат за поинаку. Да им ја осветлиме темницата така што, давајќи им огин, давајки им луч во мракот, ќе ги ослободиме…, ќе ги даруваме со слобода! Но истовремено, живеејќи и борејќи се во и со огнот, да внимаваме на оние кои во огнот не гледат слобода, туку гледаат потенцијална можност за пожар, можност за разгорување омраза, за војна(!)
Да не го дозволиме тоа, и да им го згаснеме огнот токму во мигот кога ќе тргнат да палат „комшиска куќа’, да потпалуваат омраза во неописменета душа, кога со огнот, како Хитлер на своите паради, ќе се обидат да маѓепсат луѓе, со намера да им го поништат индивидуалното и од нив, да го исползуваат најгрдиот аспект на колективното – колективната свест!
Во огнот сме, огнот носи слобода, но исто така, во рака на „заробен ум“, носи војна!
И затоа, прометејскиот факел кој ослободува, треба да ги грее душите на напатените, истиот треба да остане разгорен во нас, за во секој миг да пламнеме во одбрана на „силно светнатиот ден“. И никому веќе да не дозволиме со своите диктаторски опинци, да згазне врз огнот и да ја втамничи огнената светлина! И можеби најбитно, за да научат оние што мислат дека патриотизам е кога мразиш или ништиш некој друг – да им ја одржиме основната лекција од патриотизам, да ги научиме дека ако не го сакаш поинаквиот, не можеш да го сакаш ни својот. А не можеш да се сакаш ни самиот себе, оти таква е природата на љубовта – безрезервна, безгранична, неограничувачка!
Внимателно со огнот! Ние никако не смееме да дозволиме во „нашиот огин“ да изгори некој што е недолжен, што е заблуден, што е невин!
И токму затоа, бидејки е такво времето, внимавај, научи: “Да живееш во огинот, истовремено гасејќи го!“