Претседателката на Асоцијацијата на американските универзитети Мери Сју Колеман напиша отворено писмо до претседателот Доналд Трамп, кое со потписи го поддржаа 48 претседатели на американски универзитети, меѓу кои се и Харвард, Принстон, Станфорд, Колумбија, Тафт, Дјук, Џон Хопкинс… Во писмото се предупредува на штетата која за САД и за американското општество ја предизвикува наредбата за забрана на влез во САД на лица од одделни земји и се повикува Трамп таа итно да биде повлечена.
Во писмото се вели:
„Почитуван претседателе Трамп, ние претседателите на водечките американски колеџи и универзитети ви пишуваме со цел да ве поттикнеме да ја измените или повлечете последната извршна наредба за затворање на границите на нашата земја за имигрантите од седум претежно муслимански земји, како и на бегалците од целиот свет. Доколку се остави вака, наредбата истовремено им се заканува и на американското високо образование и на дефинирањето на принципите на нашата земја.
Ваквата наредба ги спречува талентираните студенти и научници од овие земји, кои го почитуваат законот, да стигнат до нашите кампуси. Американското високо образование има огромна полза од долгата историја на земјата во прифаќањето на имигранти од целиот свет. Нивните иновации и стипендии ги збогатуваат американското знаење, просперитет и култура. Многумина од нив, кои се вратиле во сопствените земји, со нив ги носат вредностите кои се од животно значење за нашата демократија. Американското образовно, научно, економско и уметничко водство зависи од постојаната можност за привлекување на извонредни луѓе кои со генерации доаѓаат во оваа земја, во потрага по слобода и подобар живот.
Ваквата одлука неправедно таргетира седум главно муслимански земји, на неконзистентен начин за американските принципи и традиции. Ние прифаќаме извонредни студенти и ученици муслимани од САД и надвор од земјата, вклучувајќи ги оние кои доаѓаат од овие седум земји. Нивниот значаен придонес за нашите институции и за нашата земја даваат пример за вредноста на верските различности кои се белег на американската слобода од денот на нејзиното основање. Американскиот сон зависи од постојаната посветеност кон овие вредности.
Ние ја знаеме и почитуваме потребата да се заштити американската сигурност. Процедурите за темелна проверка се и онака ригорозни, нивните подобрувања треба да бидат базирани на докази, пресметани од реални ризици и конзистентни со принципите на Уставот.
Низ својата историја Америка била земја на можности и светилник на слободата во светот. Таа привлекува талентирани луѓе на нашиот брег и инспирира луѓе ширум светот. Оваа извршна наредба ја згаснува светлината на светилникот на слободата и остава дамка на репутацијата на земјата.
Со сета должна почит, Ве повикуваме да ја поправите штетата предизвикана од ваквата одлука“, се вели во писмото на челниците на американските универзитети до претседателот Трамп.