Најдоцна на почетокот на септември, Владата ќе оствари уште една од клучните мерки од Програмата, воведување на евтина струја по два часа, секој ден! Ова го потврдуваат од прес-центарот на новата Влада. И СДСМ излезе со соопштение во кое истакнува, дека Владата презема иницијатива и ги интензивира активностите за воведување евтина тарифа, секој ден.
„Со домаќинско и одговорно работење на државните претпријатија ЕЛЕМ и МЕПСО, ќе се обезбедат услови за воведување евтина тарифа, со што мерката нема да наштети никому. Наместо ЕЛЕМ и МЕПСО да трошат милиони евра на ски-центри, фасади и рајски градини, парите ќе се пренасочат кон реалните потреби на граѓаните“, соопшти СДСМ.
Граѓаните пак, со нетрпение очекуваат да се воведе евтината тарифа. Имајќи го предвид фактот дека домаќинствата плаќаат по 2.78 денари за киловат/час евтина тарифа, т.е. двојно помалку отколку за скапата тарифа, што чини 5,56 денари за киловат/час, несомнено дека придонесот во семејниот буџет ќе биде голем.
„Откако ја исклучија евтината тарифа преку ден, ни се зголемија давачките за струја. Без струја не може да се замисли животот денеска, а кога најголем дел од домашните обврски човек ги темпира во тој период, ќе заштети многу“, забележуваат домаќинките.
Бенефитот на оваа мерка најмногу ќе го почувствуваат ранливите категории граѓани, социјално загрозените семејства коишто живеат со минимални средства.
М. Талеска