Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за нова мандатарка ја предложи Ана Брнабиќ, досегашна министерка за јавна управа и локална самоуправа. Тој изјави дека Брнабиќ го известила оти може да обезбеди мнозинство од пратениците во српскиот парламент.
Вучиќ истакна дека неговата замена – Брнабиќ е вредна, дека поседува стручни и лични квалитети и дека е уверен оти таа ќе покаже почит кон партиите од коишто очекува поддршка, како и дека ќе работи на подобрување на Србија. Претседателот Вучиќ изјави и дека костурот на Владата ќе остане ист, но дека ќе има и одредени промени.
Вучиќ постигна и друга маркетиншка цел, сите светски и регионални медиуми во прв план го истакнаа преседанот дека Србија, која според западни мерила се уште важи за конзервативна средина, за првпат, добива и жена и геј личност за премиер..
Брнабиќ не крие дека е ЛГБТИ лице, и таа е првата жена-премиер на Балканот со нетрадиционална сексуална ориентација. Дипломирала маркетинг во Велика Британија и има над 10 години искуство со меѓународни организации и странски инвеститори, како и во локалната самоуправа.
Кандидатурата на Ана Брнабиќ треба да биде одобрена од парламентот со просто мнозинство.