„Граѓанското општество и функционирањето на невладиниот сектор е од клучно значење за развојот и за функционирањето на една демократија. Невладините организации во едно општество и тоа како, може да бидат коректив на институциите и да наметнуваат теми кои се од значење за граѓаните. Сепак, општественото значење што го имаат невладините организации, не може да биде параван за деструкција и за насилно менување на демократски избрана власт. За жал, кај нас, токму тоа се случи. Мрежата на НВО финансирани од Сорос безмалку се претвори во монопол, со својата финансиска доминација, истиснувајќи ги од сцената невладините организации кои имаат ставови поинакви од нивните. Ваквото деструктивно дејствување, наместо коректив на институциите, ги претвори во деструктивен елемент во општеството. Но, светот се менува, а нашето општество созрева“, изјави во интервјуто за „Дневник“, поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска
На прашањето на главниот и одговорен уредник на „Дневник“, дали сите се еднакви пред законот, а во кое се тврди и дека „претседателката на македонскиот разгранок на ‘Сорос’ самата кажала дека „25 години немало никаква контрола врз невалидините организации“, Јанкуловска, меѓу другото, одговара и дека: „Никој не е недопирлив, па ни невладините организации финансирани од Сорос… Потребно е да има еднакви правила и ред и во функционирањето на невладиниот сектор, а институциите мора да бидат оставени непречено да постапуваат и да си ја работат сопствената работа“.
Извршната директорка на Фондацијата Институт Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, само два дена порано, за Гласот на Америка на македонски јазик, на прашањето за процесот на десороизација и нападите врз Фондацијата од премиерот, министрите и провладините медиуми, како и за инспекцискиот надзор во НВО кои добивале финансиска помош од ФИИОМ, меѓу другото, одговори:
„Јасна е повеќегодишната тенденција на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да креираат имагинарни непријатели и да се закануваат со ‘чистки’ на своите неистомисленици. Прогласот од 17-ти декември, со кој Груевски, меѓу другите закани, најави и ‘десороизација’, оркестрираниот упад на Управата за јавни приходи во над 20 граѓански организации во текот на декември 2016, мега интервјуто кое дојде на првиот работен ден во Новата 2017 година, барањето на Управата за финансиско разузнавање за проверка на 22 невладини организации и 42 физички лица и формирањето на клеветничкото и платеничкото движење „Стоп операција Сорос“, упатуваат на тоа дека хајката против правдољубивото и слободољубиво граѓанско општество и против Фондацијата ‘Отворено општество – Македонија’, добива на интензитет, a линчот кон неистомислениците кулминира“.
Според Каранфилова – Пановска, „темелните принципи на отвореното општество по дефиниција не се во судир со десницата, ниту пак се во ‘љубов’ со левицата, како што сака да прикаже Груевски, обидувајќи се со разни манипулации овој сериозен граѓански активизам да го обезвредни и да го прикачи на некоја од партиите, така како што тој мисли дека може да се прави. Токму неговата опседнатост со фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија ги потврдува принципите и вредностите на отвореното општество, кои се загрозени и се во конфликт секогаш и секаде, кога на власт се лидери и партии кои демонстрираат упад во системот на поделба на власта, корумпирано и криминално владеење, селективна правда, национализам, дискриминација, хомофобија, авторитарност и репресија“.