По сторијата на граѓански новинар од Велес, за партијата Македонска обединета реформска опција – Работничка партија која на граѓанките и граѓаните на Велес им плаќа по 150 денари за потпис за поддршка на партијата, ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со претседателот на партијата, Горан Зафировски.
Зафировски во телефонскиот разговор ни изјави дека потписите се веќе собрани, а биле потребни за пререгистрација на партијата.
На прашањето на ЦИВИЛ Медиа за делењето пари на граѓанките и граѓаните, Зафировски најпрво рече дека такво нешто не се случило, за подоцна, кога му кажавме дека постои и видео-снимка, да ја смени изјавата и да рече дека „тоа е изолиран случај, ако некој побарал пари за такси“.
Во видеото кое ни го испрати граѓански новинар кој сакаше да остане анонимен, се слуша како еден од организаторите на собирањето потписи, му дава пари на граѓанскиот новинар, велејќи му дека тоа е само симболична сума и мотивирајќи го да донесе уште повеќе луѓе: „Брат, сестра, мајка, татко, роднини и пријатели, донеси кого имаш, за секого по 150 денари“.
ЦИВИЛ Медиа од снимките дознава дека токму претседателот на партијата Горан Зафировски е човекот кој ги дава парите.
Низ разговорот со Зафировски, дознавме и дека покрај Велес, многу веројатно, истото се случувало и во Куманово.
На прашањето од каде се финансира партијата и од каде се средствата кои им ги даваат на „поддржувачите“, Зафировски вели дека се – донации од членството на партијата.
Се поставува прашањето колкаво е членството кое што донира за да добие дополнителна поддршка од граѓанките и граѓаните, за да може партијата да се пререгистрира?!
Маја Ивановска