Со 60 гласови „против“ и 40 гласови „за“, пратениците во Собранието не го изгласаа предлогот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, да се симне од дневен ред Законот за употреба на јазици. По едночасовната пауза што ја побара пратеникот Антонио Милошоски, а која ќе трае до 13 часот, ќе продолжи 15. седница, на која како втора точка од дневниот ред ќе биде првото читање на Законот.
„Повикувам не на партиски, не на политички, туку на одлуки на личната совест, зашто овој Закон може да донесе штетни последици за сите нас. Последен пат повикувам на личната совест и одговорност на секој пратеник поединечно. Немаме намера да бегаме од дебата, но не сакаме изнудени решенија. Да ги чуеме сите експерти, стручњаци, а потоа, да продолжиме низ една нормална, здрава дебата, да дојдеме до решение“, побара пратеникот Димовски.
Според Димовски, брзото усвојување на законот, ќе ја продлабочи недовербата во исправноста на одлуките и ќе ги направи нефункционални институциите во државата, а според неговиот сопартиец Милошоски, законот води кон целосна двојазичност и федерализација, ќе ја зголеми недовербата меѓу Македонците и Албанците, а ќе доведе и до дискриминација кај помалите етнички заедници.
Денеска, Предлог законот за употреба на јазиците беше поддржан од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, а минатата недела и од Комисија за европски прашања.
М. Талеска