Хелсиншкиот комитет смета дека новото законско решение суштински нема да ја зголеми минималната плата во секторите каде се бара исполнување на нормиран учинок и бара итно менување на Законот за минимална плата, со отстранување на одредбите за нормиран учинок.
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост за измените на Законот за минимална плата во Република Македонија, донесен по скратена постапка, и покрај зголемувањето на номиналниот износ на минималната исплатена плата во Македонија, за периодот септември 2017 – февруари 2018, на 12.000 денари, затоа што и покрај измените, останаа одредбите за исполнување нормиран учинок, како услов за исплата и на таа плата. Според ХКМ, законот и понатаму не нуди гаранција дека работниците од сите сектори ќе можат да ја остварат законски пропишаната минимална плата и остава простор за манипулации, притисоци и злоупотреби од работодавачите.
Според членот 1 од Законот, работодавачот секоја година во февруари врз основа на критериуми за ефикасност во производниот процес утврдени во соработка со работниците, ќе може да го определува нормираниот учинок, со тоа што, нормираниот учинок треба да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко–технолошка целина.
Најголемиот процент на работници кои остваруваат минимална плата се токму во текстилната, кожарската, чевларската, рударската индустрија, во кои досега масовно се прекршуваа работничките права, и понатаму ќе зависат од остварувањето на нормата.
Хелсинкиот комитет изразува сомневање дека работодавачите и работниците ќе остварат фер и конструктивен дијалог при утврдувањето на критериумите за ефикасност во производниот процес и дека ќе донесат заедничка, согласна и објективна одлука, во услови, кога се посотојано присутни мобингот, прекршувањето на работничките права во однос на работното време, користењето денови од одмор, работата за време на неработни денови и празници, неисплаќањето на додатоци на плата, исплата на плата на рака, враќање на дел од платата од работниците на сопствениците, потпишување бланко документи од страна на работниците, работа во лоши хигиенско-санитарни и безбедносни услови, неефикасноста на инспекцискиот надзор се само дел од проблемите со кои се соочуваат работниците во овие сектори.
Според ХКМ, дополнително загрижувачки се тврдењата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) дека текстот на измените на законот кој бил усогласен на јавна расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18 јули 2017 од трите социјални партнери, не содржел одредби со кои се предвидува и дефинира нормираниот учинок!