пишува: САШО ОРДАНОСКИ
Овој записник е добиен од доверливи меѓународни шпионски аудио извори. Пренесуваме делови од снимката од дискусијата за време на завчера одржаната тајна седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Седницата се случила на шестиот кат под земја во бункерот на седиштето на партијата во центарот на Скопје. Снимката е направена од прислушување со жолти комбиња на ЦИА од Тјенанмен плоштадот во Пекинг, кој е географски поблиску до бункерот на ВМРО, од другата страна на земјината топка, отколку од нивната централа на Кале во Скопје:
Н. Груевски: „Браќа и сестро Гоца, ја отворам 327-та тајна седница на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на 17 октомври 2017 ПМЗ.“
В. Ѓорчев: „Шефе, што е тоа ПМЗ?“
Н. Груевски: „Тоа е новата наша ера ‘После Марко Зврлевски’… Констатирам присуство на сите членови на ИК и на братучед ми Сашо кој си поднесе оставка од сѐ, па затоа денес нема право на глас, туку само право на шамари, ако некој се збуни во гласањето… Добро, предлагам Дневен ред: Прва точка – Одлагање на анализата за изборната катастрофа на неопределено време; Втора точка – Разно. Кој е ЗА?“
Х. Мицковски: „Може ли и трета точка: Слободен збор?“
А. Милошоски: „Не може, слободата е либерален концепт, ние сме конзервативна партија, овде сме за ред, работа и дисциплина. Шефе, како овој се мести за наследник, а не знае основни работи за ВМРО?“
Н. Груевски: „Каков наследник?! После мене ќе има потоп, ќе нема што да се наследува – да не е партијава од татко ви, па да ја делите во наследство?!… Значи, кој е ЗА предложениот дневен ред?… Молчењето значи одобрување – седи брату Мијалков – констатирам дека сите се ЗА. Преминуваме на прва точка: Одлагање на анализата…“
И. Димовски: „Шефе, извини, процедурално: Може ли да го одложиме одлагањето, да не се стекне впечаток во партијата и во јавноста дека бегаме од одговорност за изборната катастрофа?“
Н. Груевски: „Ја прифаќам процедуралната забелешка на братот Илија. Кој е ЗА да го одложиме одлагањето на анализата за изборната катастрофа?… Молчењето значи одобрување – седи брату Мијалков – констатирам дека сите се ЗА, одлагањето е одложено. Преминуваме на втората точка: Разно. Отворам дискусија. Кој бара збор?“
Г. Јанкуловска: „Шефе, оние поапсените во обвинителство за настаните од 27 април пеат.“
М. Протуѓер: „Како, бе, пеат?! Абе сите у ендек има да завршат, сосе фамилиите!“
Н. Груевски: „Не траскај бе, Мартин, друго време беше ендек време, сега е ПМЗ време, други ноти се за пеење… И што пеат?“
Г. Јанкуловска: „Сѐ пеат, како да се на Макфест: како ги организиравме, колку плаќавме, кој носеше сендвичи, кои беа оние под качулките, кој требаше кого да претепа, кој кого да го здрви, кој да го извести Иванов, кој да го уапси Бејли…“
Н. Груевски: „Знае ли некој кај е Митко Чавков?“
В. Ѓорчев: „Шефе, што е тоа ‘Митко Чавков’?“
Н. Груевски: „Тоа е далечински управувач со вградена минимална партиска интелигенција, за да не промашува шоља кога моча… Кај е Чавков? Битно е тој да не пропее…“
Г. Јанкуловска: „Го возат низ Скопје наваму-натаму со полициско црно ауди 8, со затемнети стакла… Викаат дека пие јајца секој ден, го спремаат да отпее високо ЦЕ…“
Н. Груевски: „Знаев! Уште кога ме прибраа на аеродром во Виена, знаев дека он има потфрлено во изведбата! Кој беше задолжен за менување на батериите на даљинското Чавков?“
(на снимката е штама…)
Н. Груевски: „Стани брату Мијалков… Ај сеа пак да прашам: Кој беше задолжен за батериите?“
В. Ѓорчев: „Шефе, што се тоа батерии?“
(на снимката се слуша шамарчуга…)
Н. Груевски: „Фала, брату Мијалков. Предавство, некој заебал со батериите!“
И. Димовски: „Шефе, процедурално: да го бараме Иванов да спреми аболиција за уапсените?“
Н. Груевски: „Кој е ЗА предлогот на братот Илија?… Молчењето значи одобрување – седи брату Мијалков – констатирам дека сите се ЗА. Дајте некој мобилен да го барам Иванов…“
Н. Поповски: „Шефе, не користиме мобилни во ерата ПМЗ, имаат изразена меѓународна интерференца… Курирот Пинки чека во ходник.“
Н. Груевски: „Последниот пат кога Пинки го виде Хорхе, ја заеба целата работа со тогашната аболиција… Има ли некој доброволец да оди кај Хорхе?“
М. Јанакиески: „Шефе, ја и онака треба да свратам до банка, да видам до кај се со трансферите, можам после да продолжам накај Хорхе…“
Н. Груевски: „Брату Миле, ти не, од Прилеп си, ќе ми се збуниш, па наместо по Водњанска, ќе свртиш накај МВР, тебе ќе те запишат таму и во хор и во играорна, имаш ти талент и да пропееш и да заиграш… Седи си ти во бункеров. Некој друг?“
(штама… се слуша како некој чука на вратата на бункерот… штама… чукањето на вратата продолжува)
Н. Груевски (напнато): „Брату Муковски, ти си задолжен за отварање врати, види кој чука на портата…“
(се слуша како Муковски со седум клучеви отвора седум брави, дига четири резиња и трга две метални штангли од вратата…)
Чистачката (од пред врата): „Ме испратија да усисам, ми рекоа се собрало многу ѓубре во бункеров…“
Н. Груевски: „Какво ѓубре?! Нема овде ѓубре, тоа го сместивме во Кривичен, овде држиме Извршен комитет, овде сме само милионери… Кој те испрати, признај!“
Чистачката: „Некои реформатори, горе се распослале по сите простории, ми рекоа да се симнам со правосмукалка и доместос, имало многу ѓубре долу…“
В. Ѓорчев: „Шефе, што се тоа реформатори?“
(на снимката се слуша шамарчуга… после настанува метеж, општа бежанија… па штама)
* * *
Следниот ден Влатко Ѓорчев, со поднадуени образи, одржа прес-конференција на која ги осуди странските набљудувачи на изборите што не го поништиле резултатот од гласањето. Соопшти дека анализите во партијата веќе се прават. И побара аболиција за сите криминалци во историјата на Македонија. Потоа си замина за да му ги сменат батериите.