Колумбиската промарксистичка бунтовничка група – ФАРК, во вторникот потврди дека ќе го исполни крајниот рок поставен до 1 март за да започне со разоружувањето. Минатата година, колумбиската влада успеа да постигне мировна спогодба со ФАРК што вклучува разоружување, попишување и уништување на оружјето што го поседува ФАРК, како и прекин на вооружениот конфликт кој трае повеќе од половина век и доведе до илјадници жртви и раселување на милиони луѓе.
Колумбиските власти, како и лидерството на бунтовничката група, потврдуваат дека крајниот рок за разоружување, ќе биде испочитуван, но со мали прилагодувања. Поради неуспехот на Владата да ги испочитува сите барања, односно, поставување на кампови за разоружување во демобилизираните зони, самиот процес е неколку пати одложуван.
„Регистрацијата на оружјето во демобилизираните зони ќе започне и ќе се извршува под надзор на Обединетите нации”, изјавува шефот на преговарачкиот тим на ФАРК, Иван Маркез.
Целосното разоружување на оваа бунтовничка група треба да заврши до 1 јуни, ако се исполнат сите барања наведени во договорот меѓу двете страни, постигнат минатата година.