По 40 години членство и една година откако гласачите на референдум се определија за напуштање на европското семејство, Европската унија и Велика Британија ги започнаа историските преговори за излез на Британија од Унијата.
Британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, и нивните тимови, го почнаа состанокот во Брисел претпладнево, а на крајот на денот, ќе одржат прес-конференција.
„Денес ги почнавме преговорите за регулираното повлекување на Велика Британија од ЕУ“, изјави главниот преговарач на ЕУ, Барние, поздравувајќи го британскиот државен секретар за Брегзит, Дејвис.
Дејвис рече дека Лондон сака да воспостави длабок и посебен однос со ЕУ и додаде дека ќе се разговара со позитивен и конструктивен тон. Тој изјави дека има повеќе работи што ги поврзуваат ЕУ и Велика Британија, од оние што ги раздвојуваат.
Преговорите почнуваат во атмосфера на несигурност за намерите на владата на Обединетото Кралство, откако британските гласачи на предвремените парламентарни избори на 8 јуни „го одбија“ таканаречениот манифест за брз Брегзит, со тоа што не ја дадоа очекуваната гласачка доверба, па владејачката Конзервативна партија го загуби мнозинството во парламентот.
Процесот на истапување на Обединетото Кралство од ЕУ ќе треба да заврши за помалку од две години, најдоцна до март 2019 година, освен ако другите 27 членки на ЕУ не решат да ги продолжат преговорите.