„Наша цел на среден рок до 2020 година е да ја намалиме стапката на сиромаштија под 16 отсто. За исполнување на целта, клучен е економскиот развој, што ќе значи повеќе средства и услуги за сите. Секој од нас, а особено ние коишто носиме одлуки, мора да останеме посветени на оваа кауза, што повеќе луѓе да исчекорат над линијата на сиромаштија и никогаш повторно да не се најдат под неа. Да обезбедиме општество во кое што, никој нема да биде изоставен“, порача министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во видео изјавата, што по повод Светскиот ден на сиромаштијата е лиферувана до медумите.
Според Царовска, во нашата држава, која според Уставот е социјална, мора да се искоренат екстремните форми на сиромаштија. Никој не смее да остане без храна, облека и покрив над главата. Што значи системот, што во реалноста често затајува, треба да обезбеди грижа за секого.
„Нашата главна обврска е да им излеземе пресрет на најранливите, а со тоа и најпогодените од сиромаштијата, и тоа не само преку парична помош, туку и со нивно вклучување на пазарот на труд. Само така вистински се прекинува кругот на сиромаштија од генерација во генерација. Во нашата земја не се сиромашни за жал, само оние коишто немаат работа, туку и голем број вработени. Токму затоа се важни мерките за зголемување на минималните приходи, со коишто на луѓето директно им се помага да се искачат над линијата на сиромаштија, односно минималното ниво на приход, којшто е потребен за да се обезбедат животните потреби“, истакнува министерката Царовска.
Таа става акцент и на обезбедувањето сигурни перспективи и можности за работа на младите, како услов за да успее борбата против нивното иселување. Во своето обраќање таа посочи и на важноста од подобрување на економската позиција на жените во нашето општество. Со обезбедување на разни видови услуги и функционални центри за поддршка, според Царовска, ќе се подобри животен стандард за граѓаните.
М. Т.