„Во контекст на целосното спроведување на Планот 3-6-9, би сакал да ја изразам недвосмислената подготвеност на Владата за одржување на неделни, тематски пратенички прашања во траење од еден час, во време и формат кој Вие ќе процените дека е најсоодветен и согласно Вашите внатрешни процедури“, му пишува премиерот Зоран Заев на претседателот на Собранието Талат Џафери, во писмото во кое бара термин за одговори на пратеничките прашања.
„Дополнително, Владата активно се залага за вклучување на Собранието во реформата на разузнавачките и безбедносните служби, која моментално е во тек. Владата, исто така, се обврзува и прифаќа задолжително елаборирање пред собраниските тела на предлог законите на експертско ниво“, се вели во писмото, во кое Заев му честита на собранискиот спикер за раководењето во насока на постигнување на поголема транспарентност на законодавниот дом и негово приближување до граѓаните.
Наведувајќи дека во Планот 3-6-9, Владата се обврзала на целосна поддршка на низа мерки за враќање на демократскиот амбиент во Собранието како клучна институција, низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии, вклучително и со опозицијата, Заев потенцира дека „Владата е подготвена да даде свој придонес во обезбедувањето на услови за целосна имплементација на договорените препораки по немилите настани од 24 декември 2012, поврзано со насилните настани од 27 април 2017“.
Заев пишува и дека мнозинството во парламентот „ќе се залага и за поголема соодветна вклученост на граѓанското општество во дискусиите на собраниските тела“.