„До крајот на годинава Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговори со ЕУ, а идната година и датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската унија“, најави премиерот Зоран Заев, на првата тематска консултација во Владата со граѓански организации и медиуми.
„Покажавме посветеност кон вредности, подадовме рака за соработка преку политиките на инклузивност во државата, преку политиките на мостови кон соседите и преку политиките на отвореност кон нашите стратегиски партнери ЕУ и НАТО. Тоа е препознаено од ЕУ институциите и од Брисел кои се подготвени да ни помогнат да ги откочиме евроатлантските интеграции. И ние како Влада ја препознаваме својата одговорност. Владата на Република Македонија гледа партнер за реформскиот процес во сите демократски и граѓански ориентирани сили во државата. Тоа се политичари, експерти, истакнати индивидуалци и секој граѓанин што сака да помогне“, истакна премиерот Заев, најавувајќи соработка со парламентот, со партиите, синдикатите, коморите, медиумите, граѓанските организации и заедници и граѓаните.
„Ќе работиме на итни реформски приоритети, што произлегуваат од извештајот на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе. За да профункционира правната држава, објективни медиуми, професионалната полиција, потребна е силна политичка волја, енергија, ентузијазам, надеж, верба, храброст и уште многу други позитивни човечки атрибути“, потенцираше Заев.
Според вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, „евроагендата е приоритет без алтернатива, што го бараат граѓаните на Македонија“, зашто како што рече, „анкетите покажуват дека повеќе од 75 отсто граѓани се за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО“.