Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат взаемна поддршка една на друга, на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот.Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска во долг и отворен телефонски разговор ги разгледаа сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави и постигнаа взаемна согласност за следните прашања:
Република Македонија и Република Србија, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог; без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за сочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија; Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји; Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија.
Денеска и Европската унија изрази надеж дека Србија и Македонија на мирен начин ќе ги решат спорните прашања, откако Белград го повлече дипломатскиот персонал од Скопје.
Портпаролот на Европската комисија изјавил за БИРН дека дипломатскиот инцидент во Скопје е „билатерално прашање на двете земји кои ЕУ внимателно ги следи“.
„Очекуваме дека двете страни ќе покажат воздржаност и ќе го решат прашањето на мирен начин, во духот на добрососедските односи“, соопштиле од Европската комисија.