Граѓанки и граѓани од Oпштина Карпош, секојдневно се соочуваат со проблемот на загадувањето. Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа доби повик од граѓанка која ни огорчено изјави дека ниту локалната власт, ниту пак, Министерството за екологија и животна средина, им одговориле на нивните барања да се испита кои се загадувачите што секоја ноќ со палење на отпадни материјали, го загадуваат воздухот во Карпош.
На Фејсбук групата „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош“ граѓанките и граѓаните од оваа населба, самоиницијативно се нафатиле да ги лоцираат местата од кои секоја вечер се крева чад и да им ги посочат на надлежните институции да преземат мерки.
Како што ни изјави граѓанката, заеднички, но и поединечно, одделни жители на оваа општина, се обратиле до локалната власт, инспекторите и Министерството. Таа вели дека локациите се познати – од двете страни на Вардар, односно, од Сарај до хотелот „Александар Палас“ и дека нивната голгота со задушувањето од загаден воздух, почнува секоја вечер по 20 часот.
Жителите апелираат итно да се преземат итни мерки за решавање на проблемот со загаденоста. Нивните следни чекори се мирен протест и поголема ангажираност на терен.
Б. Ј.