Животот во Македонија станува сè поинтересен, како што течат деновите на предизборната кампања за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври, 2017, во некаква маглива, мистична и гротескно глупава смисла, со секојдневна доза на селски (не толку) наивен хумор.
Интересното е во секојдневните бесмислици што ги смислуваат учесниците на оваа кампања. Да смислуваш бесмислици – звучи бесмислено, исто како кампањата, бесмислена, со ситни но неуспешни обиди за успешно претставување на кандидатите, и со многу „успешни“ „културно -уметнички програми“ на митинзите.
На пример, минатата вечер во с. Батинци, СДСМ го започна митингот пред гласачите со ултра-турбо фолк. Колку што знам, таму не се конзумира јавно алкохол, инаку, митингот ќе завршеше во стил на екстра весела свадба на којашто се поканети сите, освен невестата и зетот. Не знам дали успеале да ја претстават програмата, расположението на собирот не личеше како за политичка презентација, личеше на „српски вашар“, без Срби.
Кај ВМРО-ДПМНЕ ништо ново, учат албански, колективно. Само гласачите тешко дека ќе ги убедат да научат.
Кандидатите на Беса, ДУИ и Алијансата за Албанците се фатиле за најавената изградба на објектот на Бит -Пазар, што треба да започне наскоро. Сите се за изградба, само што едните сакаат тоа да почне сега, пред избори, а другите, подоцна, по изборите. Продавачите на битпазарските тезги никој не ги прашува, ќе си плаќаат за простор во новиот пазар.
Биљал Касами а.к.а Били (како што го нарекуваат од милост), има многу мерак за сликање, дознавме дека позите му се инспирирани од главниот лик на турската мега -серија „Долина на Волците“, Полат Алемдар. Му личи, донекаде, му треба уште да го усоврши смртоносниот поглед, па да ги убие во поим противниците. На слика.
„Таму (во Шутка, улица Гвадалахара) не дај Боже да имаш работа со некоја жена, таму жените се поопасни од мажите. Излегуваат со шипки и секири да се тепаат!„ – вели Амди Бајрам, којшто очигледно има трауми од насилни жени, затоа што во минатото го искусил и на своја кожа. Добро, не му е прв пат, од кога го знаеме, парламентот му е арена за жалби и поплаки за разни видови насилства извршени врз него, вклучително и од жени.
Ако не сте знаеле, СДСМ си има свој кандидат за градоначалник на Општина Арачиново. Поточно, кандидатка – Миликије Халими. Кандидатката се одликува со пријатен надворешен изглед, и си мислиш дека конечно Арачиново, пред Град Скопје, ќе има шанси да добие жена – дама за градоначалник. Сè додека не ја слушнете. Не дека нејзиниот „богат“ вокабулар на албански и на македонски јазик се разликува многу од вокабуларот на еден просечен битпазарски или продавач од зелено -пазарче, сепак убаво можеш да ја разбереш, ако си повторуваш во себе едно милион пати – ок е, таа е избраничката, „нусето„ што ја избра премиерот Заев, а кога Заев избира, значи дека тоа е најдобриот можен избор. За Албанците. Тие што ги знае Заев.
Некако овие избори се вртат пак, и сè околу Заев. Прекрасен е, стигнува на сите митинзи, вчера беше и во Чаир, заедно со кандидатот на ДУИ за градоначалник на Општина Чаир. И со Бујар Османи. Весела дружина, како да ги наречам, здружение на обострана почит и поддршка. А ова воопшто не им се допадна на илјадниците гласачи од Арачиново, коишто се во голем дел заслужни за „победата„ на СДСМ на парламентарните избори минатата година. Од гнев, му го проколнуваат ајварот – „Арам, катран, да му се расипе на Заев ајварот за Бајрам“. Ни Албанците не се веќе тоа што мислевме дека се.
А Коце се натпреварува со Шилегов. Или, Шилегов со Коце. Никако не можам да заклучам…
И, да не заборавам, за градоначалници на Општина Чаир, на овие избори се предложени кандидати од четири политички партии од албанскиот блок. Али Ахмети се уште ги повикува гласачите да ги сплотат гласовите, да гласаат сите исто, за ДУИ. Жалосно… гласовите – парче. Ама затоа, СДСМ ќе му помогне.
И за крај, не знам како ќе заврши циркузијадава од кампања и избори, ниту како ќе одлучат гласачите. Дали да гласаат за себе, или за кандидати што барем приближно ќе се придржуваат до ветеното, ако им дозволат партиите, или за пријатели, и пријатели на пријателите, па на крај да запееме сложно:
Затоа што политиката здраво општи со пријателствата.
Се читаме утре, со нови гледишта и случки од нашата константа – живот во изборен контекст.
Дијана Тахири