ЦИВИЛ – Центар за слобода најави дека ќе го набљудува и спроведувањето на референдумот во Дојран на 23 јули (недела). Оваа организација е единствената која го набљудуваше спроведувањето на успешните референдуми во општините Гевгелија и Богданци, во кои граѓанките и граѓаните се изјаснија против рудната експлоатација во нивните средини, со цел да ја зачуваат животната средина. Во недела, по одлука на Советот на Општина Дојран, на референдумот ќе се решава дали граѓанките и граѓаните се за или против отворање на рудници за металични минерални суровини на територија на Општина Дојран.
Граѓанките и граѓаните ќе можат да пријавуваат нерегуларности на телефонските броеви: 078 746 138 и 075 389 698 и онлајн на веб-страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности, преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори или преку апликацијата Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација .
„ЦИВИЛ во текот на референдумот ќе ја информира јавноста преку соопштенија, прилози на веб страницата ЦИВИЛ Медиа и информации на социјалните мрежи на ЦИВИЛ за резултати од набљудувањето на терен.
Право на изјаснување на референдумот имаат 2.747 жители на Општина Дојран, на 9 избирачки места. На избирачкото место КПД Идризово, општина Гази Баба, право на глас има едно лице“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
Референдумот во Дојран беше неизвесен. Референдумот , предвиден за 18 јуни се одложи поради ненавремено потпишување од градоначалникот на Дојран, Борче Стамов, на одлуката на Советот за референдумско изјаснување на граѓанките и граѓаните во Дојран.
Исто така, по многу опструирања, и Валандово се избори за референдум на 20 август откако со осум гласови „за“, советниците на Валандово по вторпат донесоа одлука за референдумско изјаснување.