На Македонија не ѝ се потребни поедноставувања на постапките за производство и трговија со оружје, туку, напротив, построга контрола на трговијата! И, акции за собирање на нелегалното оружје.
ЦИВИЛ – Центар за слобода остро реагира по повод барањето на Групацијата за оружје и опрема во рамките на Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија за унапредување на дејностите поврзани со производството и трговијата со оружје, експлозивни и опасни материјали, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена.
На Македонија не ѝ се потребни поедноставувања на постапките за производство и трговија со оружје, како што бара Групацијата, туку, напротив, построга контрола на трговијата со оружје! И, акции за собирање на нелегалното оружје.
Димитар Мангутов, претседател на Групацијата за оружје и опрема, на прес-конференција во Комората, изјавил дека компаниите бараат усогласена и јасна регулатива, особено, донесување нов Закон за оружје и опрема, усогласен со европските директиви, за што веќе и доставиле свои предлози до Министерството за внатрешни работи.
Членовите на Групацијата бараат поголема соработка со надлежните државни институции и веќе имаат покренато иницијативи за конкретни средби со ресорните министри од МВР, Министерството за одбрана и Министерството за економија, како и од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Како еден од најголемите актуелни проблеми на Групацијата, оттаму ја истакнуваат невклученостa на домашните компании во тендерите што ги распишуваат македонските министерства. Исто така, од Групацијата посочуваат дека во изминатиот период, многу тешко или никако не можеле да се добијат дозволи (за транзит, увоз, извоз, реекспорт…) кои се во надлежност на Министерството за економија.
Во време кога, според последните истражувања, во Македонија има 24,1 парчиња регистрирано оружје на 100 жители, или речиси секој четврти жител поседува оружје(!?), она што најмалку ѝ треба на земјата е несериозен пристап или поедноставување на процедурите при постапките за производство и трговија со оружје, со што се отвора огромна можност за злоупотреби!
За жал, за разлика од периодот 2002-2006 година, кога Владата беше отворена за соработка со ЦИВИЛ на овие теми, како и со меѓународните институции и организации, како УНДП и ОБСЕ, во периодот 2006-2016 година, темите поврзани со контролата на оружјето беа занемарени, а тоа што се работеше, беше ограничено и го исклучуваше граѓанското општество и јавноста. За постигнување на оваа цел потребно е и јакнење на довербата на граѓанките и граѓаните во институциите и владеење на правото. За жал, незначителниот број на активности на институциите во оваа насока, само ја затскриваат реалноста во која живее општеството.